Зелениот кинески ѕид околу пустините расте побрзо од другите шуми

Кина одамна ја прогласи за успешна својата стратегија да го запре ширењето на пустини опкружувајќи ги со зелен ѕид од десетици милијарди дрвја, но сега забележала и изненадувачки бонус – дрвјата во овој ѕид растат побрзо отколку во природните шуми во земјата. Феноменот е најизразен кај дрвја од 30 до 40 години, но подоцна се губи ползата за околината.

Проектот „Голем зелен ѕид“ почна во 1978 година и предвидено е да заврши до 2050 година. Намерата е да се забави опустошувањето на зелената површина. Ако не е скротена, пустината Гоби секоја година се проширува на територија од илјадници квадратни километри.

Во текот на изминатите пет децении, Кина засади 66 милијарди дрвја во масивен зелен ѕид што ги опфаќа пустините Гоби и Такламакан, која е голема колку Германија.

Истражувачи од Пекиншкиот универзитет во Шенжен сакале да откријат дали овие шуми може да придонесат и за ублажување на последиците од климатските промени, иако тоа воопшто не било цел на иницијативата. Во студијата објавена во списанието Geophysical Research Letters, тие утврдиле дека дрвјата засадени во Големиот зелен ѕид растат побрзо од сродните во природните шуми. Првичната претпоставка е дека веројатно подобро реагираат на зголемените нивоа на јаглерод диоксид во атмосферата, но нема конечен заклучок.

Не ни е јасно во што точно вештачки засадените шуми се разликуваат од природните. Одговорот би ни помогнал да откриеме колкава е нивната ефикасност во апсорбирањето на јаглерод диоксид, забележува Јуханг Луо, главен автор на студијата.

Неговиот тим користел сателитски податоци за да ја одреди густината на крошната на Зелениот ѕид - мерка позната како индекс на површина на лисјата, и ја споредил со природните шуми во земјата. Површината на листовите кај вештачки засадените шуми се зголемила и за 66% побрзо од нивните природни еквиваленти.

Истражувачите забележале дека младите дрвја растат побрзо од старите, а и намерно засадените шуми поактивно се негуваат од луѓето, наместо да бидат оставени самите да се развиваат. Но, кога биле споредени шуми со слична возраст и услови, засадените сепак растеле за 4,6% побрзо. Разликата била најголема кај дрвја на возраст помеѓу 30 и 40 години, а потоа се намалува. Заклучокот е дека природните шуми, кои растат со стабилно темпо, иако тоа е побавно, се подобри за долгорочна апсорпција на јаглерод диоксид од атмосферата.

Засадените шуми можат да бидат моќна краткорочна алатка за апсорпција на јаглерод, но оваа предност е привремена. За долгорочно складирање и отпорност на јаглерод, природните шуми остануваат незаменливи, укажува Луо.

Поуката од раните фази на големиот кинески проект е дека најважно е дрвјата на фронтот да се одржат во живот. Видовите што биле избрани поради брзиот раст брзо изумреле - судбина што вообичаено ги снаоѓа повеќето слични иницијативи, во кои е важно само да се засадат што е можно повеќе садници.

Политиката почнала да дава плод кога фокусот се префрлил на садење дрвја што се поотпорни на сурови услови. Шумската покривка во регионите што ги допира ѕидот се зголемила од 5% во 1978 година на 14% во 2023 година, според статија во „Nature“. Тоа помогнало да се намалат песочните бури и да се подобри квалитетот на воздухот во градовите во правец на ветерот, вклучувајќи го и Пекинг.

******
Види и: Кина запре пустина голема колку Германија

6 јули 2026 - 14:32