Прашање кое вреди многу милијарди долари а чијшто одговор може да е решавачки за судбината на климата на планетава; ако едно дрво падне во шума во САД, и потоа го одвезете до пиланата кадешто ќе се исецка и иситни и ќе се претвори во пелети, кои потоа ќе се одвезат до пристаниште и ќе се испратат преку океанот со брод за да бидат употребени за производство на електрична енергија во електрана во Европа, дали тоа придонесува за загревање на Земјата?
Најголем дел од научниците би одговориле позитивно на ова прашање, но политичарите во американскиот Конгрес и владите ширум светот тврдат обратно, горењето дрва со цел да се добие електрична енргија не претставува закана за климата, туку е всушност еколошко решение, забалежува Мајкл Грунвалд од Политико. Во Европа, „енергијата добиена од биомаса” добива субвенции бидејќи се смета за обновлива енергија. Како резултат на тоа, европските енергетски компании сега увезуваат тони преработени дрва од странски шуми, а економиите во Европа кои се наводно еколошки свесни, сега произведуваат повеќе енергија од горење дрва отколку енергија која се добива од ветар и од сончева енергија заедно.
Критичарите на индустријата за производство на пелети од дрво која секаде е во експанзија, порачуваат дрвјата да се остават да растат и да го апсорбираат јаглерод диоксидот. Сечењето на шумите и еден од главните двигатели на промената на климата и Обединетите Нации предупредуваат дека светот треба да престане со сечење на шумите доколку сака да ги достигне амбициозните цели на протоколот од Париз до 2050та година. Во фебруари повеќе од 500 научници и економисти упатија писмо до претседателот Џо Бајден и до другите светски лидери со предупредување дека горењето дрвја за да се произведе енергија не е ефикасен начин на производство на енергија. „Дрвјата се повредни живи отколку мртви” , се вели во писмото.
Од светски водечкиот производител на пелети, Енвива, кој се обидува да има еколошки имиџ (логото им е зелена панделка, веб страната им е преполна со планини и шуми), велат дека дрвјата се најефикасното средство за преработка на јаглерод диоксидот кој ја загрева планетава, но само додека се живи и додека растат. Но, на Алијансата Догвуд, која е заштитник на шумите во Северна Каролина преку глава ѝ е да слуша како оваа индустрија, за суровини користи главно дрва за фрлање или дрвја со ниска вредност.
Само по неколку часа набљудување на камионите кои ги носат исечените трупци во пиланите на Енвива, јасно е дека најголем дел од дрвото кое се преработува во пелети не е дрво за отпад, пишува Грунвалд. Се работи за цели здрави борови дрвја кои инаку би биле продавани во фабрики за хартија. Овие дрвја не се доволно добри да се претворат во високо квалитетен мебел или дрвени куќи, но се доволно добри за производство на кутии за компанијата Амазон, за тоалетна хартија или за внатрешниот абсорбирачки дел од пелените за бебиња. Тоа значи дека Енвива не само што не расчистува она што дрвната индустрија не го користи, туку создава нова побарувачка за дрво на југот на САД. Дури и ако се садат нови дрвја, потребни се децении, а во некои случаи и векови тие дрвја да израснат за да можат да го обработат јаглерод диоксидот кој се ослободил од горењето на претходните дрвја.
Тимоти Серчингер, климатски експерт кој работи на универзитетот во Принстон, САД и кој го организираше писмото од научниците и економистите, укажува дека Американците рециклираат хартија и картон за да ги зачуваат дрвјата. Тие никогаш не би помислиле дека го прават тоа за дрвјата да бидат исечени, смелени и транспортирани преку Атлантикот во Европа за таму да бидат изгорени.
„Нема никаква логика да се мачите да рециклирате за да ги зачувате дрвјата а потоа да ги изгорите”, вели тој.
Судбината на климата зависи од судбината на шумите во светот и јасно е дека шумите ќе се под притисок во следниве неколку децении. Со растот на населението и надминувањето на бројката од 9 милијарди од светското население, луѓето ќе користат повеќе тоалетна хартија, ќе градат повеќе куќи и ќе нарачуваат повеќе производи преку интернет кои треба да се спакуваат во кутии.
„Шумарството не може да биде карбон неутрално туку мора да произведува повеќе кислород отколку јаглерод диоксид и тоа многу бргу, инаку ни се гледа крајот” , вели професорот по политика на екологијата, Вилијам Мумау од универзитетот Тафтс.