На 23-ти март годинава колумбиските власти заработуваат камион полн со воена опрема, вклучувајќи и автоматско оружје. Три дена подоцна американските власти објавуваат награда од 10 милиони долари за апсење на генерал Кливер Алкала. Генералот сам се предава, а на социјалните мрежи објавува дека заробеното оружје е сопственост на народот на Венецуела „во рамките на договорот направен меѓу претседателот Хуан Гуаидо и американските советници“.
Неполни десет месеци претходно, Алкала во Колумбија се среќава со Џордан Гордо, поранешен припадник на американската армија, добитник на три Бронзени ѕвезди, и по ново основач на компанијата за приватно обезбедување, Силверкорп УСА. Ова не му е прв пат на Гордо во Колумбија, претходно во февруари 2019 тој работи како обезбедување на концертот спонзориран од Ричард Брансон на колумбиската страна на границата со Венецуела, за помош на Хуан Гуаидо.
Според сведоштва на еден пребегнат пратеник од Венецуела, Хернан Алеман, на состанокот се разговарало за планот за заробување на високи функционери, кои би биле предадени на САД, за Гуаидо потоа да може да го преземе мандатот на претседател на Венецуела.
Гордо на состанокот ветува дека ќе ги организира неопходните финансии за планот, и дека во иднина средбите ќе се одржуваат во Мајами со претставници на претседателската комисија на Гуаидо, која работеше на планови за отстранување на Мадуро.
Неговото ветување е дека има луѓе кои ќе инвестираат во воена операција во Венецуела, но потоа очекуваат одредена економска награда од владата на Венецуела. Ценовникот на Гордо е 1,5 милион долари за него веднаш, а подоцна уште 200 милиони долари за инвеститорите.
На 16-ти октомври 2019 тој потпишува и договор со комисијата. Тука се јавува и курцшлус меѓу двете страни откако комисијата бара да види доказ од Гордо дека има „инвеститори“.
Сето ова ескалира во ноември, кога на последниот состанок меѓу комисијата и Гордо, доаѓа до раскинување на договорот, а на Гордо му се исплатени и 50.000 долари за дотогашните трошоци.
Меѓутоа се испоставува дека раскинувањето важи само за комисијата на Гуаидо, а не и за тренинг камповите под команда на Алкала или пак за Гордо.
Во такво расположение екипата го дочекува апсењето на Алкала во март 2020. Плус, во тоа време на колумбиските и американските власти веќе не им е сеедно околу тренинг камповите на венецуелската опозиција, и се надеваат дека со апсењето на Алкала тие ќе се растурат. Меѓутоа луѓето остануваат, а генералот е заменет со поранешниот разузнавач, Антони Секуеа, кој го презема водството.
На 28 март се случува уште еден (се уште не докажан) гаф на пучистите, кога во близина на американскиот брег бродот Силверкрафт испраќа аларм за помош. Двајцата американски државјани на бродот се спасени од еден танкер кој минува во негова близина, а подоцна медиумите тврдат дека Силверкрафт е во сопственост на Силверкорп. БиБиСи го контактира ФБИ со прашање дали Гордо е еден од двајцата и дали бродот носел оружје за Колумбија во моментот кога се расипал. Од ФБИ не добиваат одговор, а не се знае ни каде завршил бродот.
Иако сето ова е доволно за операцијата да биде инстантно погребана, во Венецуела се случува уште поголем дебакл. На телевизија излегува вториот човек на Венецуела, Дисдао Кабељо, кој објавува детални списоци на неговите сонародници во тренинг камповите во Колумбија, и на Американците вклучени во ова.
Ни првиот, ни вториот настан и масовното прозивање на национална телевизија не стигнуваат до луѓето од тренинг камповите, кои сега се преместени во пустинските недојдии на полуостровот Гуаџира „земјата на кактуси, песок и грмушки“ на границата со Венецуела.
Според сведоштвата, само водачите на вооружената група имале пристап до мобилни телефони, плус има многу непознати околу Гордо во тие денови, неговата комуникација и намери.
БиБиСи пишува дека дури владата на Мадуро да го немала целиот план во раце, неговата крајна верзија „изгледала крајно необмислена“.
Наводно планот бил, откако пучистите ќе се префрлат од Гуаџира на венецуелска територија, тие неколку дена ќе одлежат во безбедни куќи, пред тајно да заминат за Каракас. Таму ќе мируваат уште неколку денови за да се спремат и да тргнат во напад, а мети на напад се: Претседателската палата каде што треба да се уапси Мадуро; воените затвори од каде ќе се ослободат затворениците; и централата на разузнавачката служба на земјата. Освен Мадуро планирано е заробување и на неговите најблиски соработници.
Во пракса, на 1-ви мај брод со 11 луѓе го напушта брегот на Колумбија и тргнува кон Венецуела. Овие 11 луѓе со себе имаат 8 пушки. Десет минути подоцна тргнува и втор брод со 47 луѓе и само две огнени оружја. По еден час, еден од моторите на вториот брод се расипува, и тој уште многу часови останува сред разбранувано море.
За тоа време во Макуто, градот каде треба да се истовари целата оваа армада, вооружените сили на Мадуро веќе се распоредени, и рано наутро на 3-ти мај, го пречекуваат првиот брод бунтовници. Ова завршува со смрт на 8 од 11-те луѓе на бродот.
Вториот брод во тоа време веќе е со значително заостанување и со опасно ниски нивоа на гориво. Донесена е одлука најголемиот дел од екипажот да се обиде со пливање да стигне до копно па да се спасува како знае, а останатите, вклучително командантот Секуеа и двајцата Американци остануваат на бродот.
На 3-ти мај кога веќе е објавен исходот од акцијата, пред ТВ камерите во САД се појавува и Гордо, објавувајќи го договорот што го потпишал со Гуаидо, и тврдејќи дека тој се уште е валиден. Гуаидо го негира ова.
Главен сомнеж е дека Секуеа ја предал операцијата, а потоа и себе си по што со авион бил однесен во САД. Меѓутоа и за тоа има сомнеж бидејќи меѓу убиените во првиот брод е и роднина на Секуеа.
Дел од опозицијата пак е на памет дека Гордо ги продал луѓето и операцијата на Мадуро. Но луѓе се сомневаат и во оваа верзија.
Моментално не се знае каде е Гордо, а ФБИ ниту потврдува, ниту негира дали има истрага против него.