Закерберг ги отстранува тампоните од машките тоалети

Прво ладно ги откачи факт-чекерите со оценка дека со својата политичка пристрасност направиле повеќе штета отколку ќар за довербата кон неговите платформи. Потоа гостуваше кај „омразениот“ Џо Роган за да се поплака како досегашните власти им се дереле кога барале да кинат содржини од Фејсбук а сега наредил да се отстранат тампоните за менструација од машките тоалети во Мета. Марче, ако си киднапиран, трепни.

Фото: ЕПА

Менаџерите на објектите во канцелариите на Мета во Тексас и Њујорк добиле наредба да ги отстранат тампоните и хигиенските влошки од машките тоалети што беа обезбедени за тн. небинарни и трансродови вработени „на кои можеби им требаат“.

Потегот очигледно е дел од коперниканскиот пресврт кој Мета и Закерберг го прават како благовремено усогласување со вредностите на новите американски власти, олицетворени во Доналд Трамп и Илон Маск. Тоа дека она што го прави Закерберг последниве денови, на сите им личи на бесрамно увлекување и коленичење, најмал проблем.

Освен откачување на преторијанската факт-чекерска гарда, Закерберг најави и олабавување на модерирањето на содржините и дозволување поширок спектар на мислења на мрежите. Тоа и ние на своја кожа го осетивме; Фејсбук преку ноќ ги укина ограничувањата кои (за неверојатна баналност) ги наметна за нашата страница на Фејсбук. Да не ги урочиме. 

Мета, исто така, неодамна ги прекина своите програми за диверзитет, правичност и инклузивност (DEI) и ги отстрани трансродовите и небинарни теми од својот Месинџер.

Одлуката за тампоните не минала најмазно кај сите вработени па некои од нив изразиле загриженост а некои најавиле дека размислуваат за заминување.

 

 

13 јануари 2025 - 14:02