
Во првите неколку месеци од оваа година зачестија приватните вселенските мисии. Blue Ghost е првата успешна мисија на спуштање приватно летало на Месечината. Од друга страна, ракетите Starship на компанијата „Спејс икс“ на Илон Маск се распрснаа при лансирањето.
Без оглед дали мисиите се успешни или не, факт е дека вселенските истражувања се прелеваат од државните агенции кон приватниот сектор. Затоа уште повеќе загрижува фактот што овие активности воопшто не се регулирани со меѓународни закони.
На хартија постојат регулативи, но тие биле дефинирани пред повеќе од половина век, кога НАСА и Роскосмос беа во трка за освојување на вселената и кога приватните мисии беа научна фантастика.
Истражувачките активности во вселената општо се регулирани со конвенции на Обединетите нации од 1967 и 1972 година, а во 1979 е усогласен Договор за Месечината.
Но тие не може да се применат за ситуацијата денес. Свои вселенски програми имаат 77 земји. Американската агенција НАСА и европската ЕСА не можат да спроведат мисија ако не се потпираат на партнерство со компании. Од вакви партнерства „Спејс икс“ на Маск заработи 22,6 милијарди долари.
Во приватна сопственост се огромно мнозинство од вкупно 11.000 активни сателити што орбитираат околу планетата.
Во документите за регулација нема одговори на прашањата дали приватните компании ќе се сметаат одговорни ако оштетат туѓа сопственост во орбитата или ако на пример контаминираат небесни тела како Месечината и Марс.
Конвенцијата за одговорност од 1972 година содржи одредби што се однесуваат само на нации, а не на приватни компании. Некои оператори ја заобиколуваат Конвенцијата и купуваат полиси за осигурување од штета, но повеќето сателити се неосигурени, зашто полисите се прескапи.
Договорот за надворешна вселена бара од земјите, но не и од приватниците, да не ги загадуваат другите небесни тела. Нема ништо ни за проблемот со акумулираниот космички отпад.
САД во 2020 година се обидоа со Договорот „Артемис“ да воведат режим за сопственички права на вселенски ресурси. Досега го потпишале 53 земји. Но, одредбите се спротивни на оние од меѓународниот Договор за Месечината од 1979 година.
Беззаконието може да предизвика огромни штети, особено кога технологијата ќе стигне до степен да овозможи приватни мисии до Месечината и до Марс. Нациите не изразуваат голем интерес за обнова на меѓународните регулативи што би спречиле вселената да прерасне во Див Запад, во кој доминира посилниот.