Војната на Иран и САД е насочена против Саудиска Арабија исто колку што е насочен против Иран, пишува принцот Ал Фејсал во колумна за порталот Араб њуз, уривајќи го општиот впечаток на светската јавност дека Ријад ја поддржува војната на Вашингтон, како стратегиски сојузник.
За реалната позиција на Ријад говореше и одлуката за забрана на прелети на американски авиони преку саудискиот воздушен простор веднаш штом американскиот претседател Доналд Трамп ја најави потенцијално експлозивната операција за воена придружба на бродовите заглавени поради иранската блокада на Ормускиот проток.
Принцот во текстот успеал да се воздржи ниту еднаш да не ги спомне САД, но директно го обвинува Израел дека планирал да ги вовлече Саудијците во војната.
Доколку израелскиот план за поттикнување војна меѓу нас и Иран успееше, регионот ќе беше потопен во пропаст и уништување. Илјадници наши синови и ќерки ќе беа изгубени во битка во која немавме никаков удел. Израел ќе успееше да ја наметне својата волја врз регионот и ќе останеше единствениот актер во нашата околина... Кралството ги избегна ужасите на војната и нејзините разорни последици. Всушност, заедно со Пакистан, сега го гасне огнот на борбите, помагајќи да се спречи ескалација, додава принцот.

Во порака насочена пред се кон домашната јавност, тој ја оправдува одлуката на властите да се воздржи од одмазднички акции на иранските напади со проектили, кои ги оцени како „болни“.
Додека мувите на социјалните медиуми зуеја, Кралството беше одмерено, трпеливо и активно. Додека навивачите биеја во тапани, Кралството внимателно ги мереше своите опции. Кога Иран и „другите“ се обидоа да го вовлечат Кралството во печката на уништување, нашето раководство избра да ги издржи болките предизвикани од соседот за да ги заштити животите и имотот на граѓаните. Ако Кралството сакаше да одговори со уништување на иранските објекти и интереси, а способно е да го стори тоа, исходот можеше да биде уништување на саудиските нафтени објекти и постројки за десалинизација по должината на брегот на Арапскиот Залив, па дури и длабоко во Кралството, пишува принцот.
Тој предупредува дека притисокот не запрел.
Што се однесува до застапниците на војната, тие продолжуваат со својата ароганција и гракање, можеби несвесни дека тепихот им е извлечен од под нозете, заклучува синот на саудискиот крал.