Воздухот му тера инает на Глазгов

Глазгов од почетокот на јуни воведе зона на ниски емисии во центарот во градот во која не смеат да се возат стари дизели или уште постари бензици. Веќе се добиени првите резултати. Иако никој не знае зошто, загадувањето се зголемило, со нивоа кои некогаш се и над дозволените законски граници.   

Воздушното загадување ПОРАСНАЛО откако и покрај мрчењата на возачите, Глазгов месецов воведе таканаречена „зона на ниски емисии“ во центарот на градот.

Пораснале четири индикатори на аерозагадувањето а во некои случаи добиените нивоа ги надминуваат законски дозволените граници.

Азотниот диоксид во јуни е 43, во мај бил 37 (дозволено е 40). Тој може да предизвика респираторни проблеми па и хронични болести на белите дробови. Слични ефекти има и азотниот оксид кој скокнал од 23 на 30. Покачена е и прашината и ситните честички од 13 на 15.

Според новите правила кои требаше да го подигнат квалитетот на воздухот во Глазгов, во зоната не смеат да се возат дизели  регистрирани после 2015 и бензинци постари од 2006-та.

Првата казна е 60 фунти а потоа се дуплира секој нареден пат, сè до 480 фунти за автомобили и 960 евра за автобуси и камиони.

Слични зони имаат и Единбург, Абердин и Данди. Засега, никој не влегува во можните причини за добиените параметри, освен опозицијата која вели дека проектот не бил доволно осмислен, особено што сега се редат многу инстанци кои бараат изземање од правилата, како што се бизнис автомобили, возила на хуманитарни организации и слично.

21 јуни 2023 - 14:37