Европската комисија ја доведе во прашање доверливоста на скенерите од новата генерација и побара привремена обнова на стариот модел, пишува Irish Examiner.
Тоа значи дека оние европски аеродроми кои користат C3 скенери - кои обично овозможуваат да се остават течностите и електронските уреди во торбите додека се скенираат и кои ја отстранија потребата за ограничување од 100 милилитри - ќе мора да се вратат на старите методи.
Ефикасноста на новите скенери беше доведена во прашање после еден технички извештај дека не може да се гарантира доверливоста на скенерите за количини поголеми од 330 мл.
Од први септември, европските аеродроми кои користат модерни скенери ќе мора да се вратат на традиционалните рентгентски уреди што може да предизвика доцнење на некои аеродроми.
„Оние аеродроми кои рано ја прифатија современата технологија, сега се тешко казнети, и финансиски и оперативно,“ се пожали првиот човек на Советот на европски аеродроми.
Накратко, работата се враќа на максимум 100 милилитри во затворени пластични кеси и вадење на електронските уреди од торбата.