Сер Марк Рајленс даде отказ во Ројал Шекспир Компани заради примање спонзорство од БП. Смета дека е неморално таква куќа на уметноста да влегува во спонзорски дилови со компанија зад која се влечат многу еколошки контроверзи и која се сомничи дека донирањето во културата и уметноста ѝ служи само за да ги маскира и ублажи нејзините катастрофални ефекти врз човековата околина.
Рајленс отказот го образложи во Гардијан во писмо во кое вели дека фирма како БП не треба никако да е поврзана ни со Шекспир ни со ништо „бритиш“.
„Имаат ли тие воопшто право да го користат терминот 'британски' кога ја уништуваат планетата од која нашите деца и внуци ќе зависат дали ќе имаат што да дишат, пијат и јадат?“, се прашува Рајленс во отворениот отказ.
Неговата театарска куќа изрази жалење што ги напушта член од таков калибар, дадоа уверување дека спонзорите никако не влијаат врз уметничкиот интегритет на компанијата и куртоазно ја поздравија потребата од ангажирана дебата за општествени и еко теми.
БП ги спонзорира младинските карти за оние од 16 до 25 години благодарејќи на што билетот за нив во Ројал Шекспир чини само 5 фунти.