После пресвртната одлука на американскиот Врховен суд со која абортусот го изгуби статусот на уставно загарантираното право, во Арканзас беше донесена забрана за абортус.
Притоа, забраната дефинира „неродено дете“ од почетокот на оплодувањето. Тоа ги остави збунети и полни со прашања луѓето од единствената клиника во Арканзас која нуди ин витро оплодување.
Во законот не се спомнува ин витро, но директорот на клиниката се прашува дали според законот замрзнатите ембриони на неговите пациенти може да се третираат како како неродени деца и дали отфрлањето на тие ембриони може да се смета за абортус?
Во случајот со Арканзас, јавниот обвинител уверува дека забраната нема импликации за ин витро третманите, но други држави уште не прецизираат до каде се протегаат нивните забрани за абортус. Адвокати и клиники за плодност не се убедени дека новите ограничувања ќе ги остават ин витро оплодувањата недопрени.
Што се случува со замрзнатите ембриони пред имплантација? Дали паровите можат да одлучат да не ги искористат или не?, прашува Сузан Крокин, правен експерт за здравствено право и предупредува дека многу работи ќе зависат од вордингот на одлуките со што ќе се остави голем простор за слободна проценка на обвинителите.
Повеќето постоечки или очекувани забрани за абортус се однесуваат конкретно на прекинување на бременоста. Но, некои адвокати сепак се загрижени околу законите за „личност“ кои ја третираат оплодената јајце клетка како човечко суштество.
„Ако се напише закон кој утврдува личност на оплодената јајце клетка, тогаш фрлањето ембрион би се сметало за убиство“, стравува Присила Смит, директорка на Програмата за проучување на репродуктивната правда на Јеил.