Устајте легнати на брашно

Нација која го изгубила чувството за ризици и промени и е улулкана во самозадоволност ќе ја изгуби трката со времето и светот.  Со други зборови, кој не рискира - мастурбира.

Конзервативниот американски економист Тајлор Кауен долго време се занимава со оние точки во кои се среќаваат економијата и културата и прашањата каде го водат општеството таквите крстопати.

Од таа позиција е многу загрижен за иднината на својата земја бидејќи смета дека Американците ја имаат изгубено својата храброст, дух, нерв и дека се потонати во еден самозадоволен комфор поради кој ќе ја губат трката со светот.

Според него, од нација на пионери и истражувачи, Американците се имаат претворено во луѓе кои живеат во safe modе, задоволни се од својот setup и одбиваат да преземаат ризици. Го имаат изгубено чувството за промени и ризик, станати се дефанзивни и непоткрепено горди на своите постигнувања во животот.

„Америка ја губи својата динамичност по многу основи: сè поретко се излегува надвор од својата држава, сè повеќе се земаат лекови, сè помалку се пуштаат децата да играат надвор. Ако ја погледнете иновативноста на нашата економија во последно време, ќе сфатите дека нашите најпознати изуми како што е Нетфликс или Амазон се изуми кои на човекот му носат нешто дома, за да не мора ни да излегува од своите четири ѕида а не па да го менува светот„ вели Кауен во емисија за бостонското јавно радио WBUR.

4 март 2017 - 13:22