Универзитет ги укинува оценките за да ги мотивира бруцошите

Универзитетот во Мичиген ќе го укине традиционалниот систем на оценување на студентите од првиот семестар за да не ги обесхрабри уште на почетокот од студирањето. Наместо оценки што одразуваат колку добро го совладале материјалот едноставно ќе бидат известени дали го положиле испитот. Харвард, пак, го заострува оценувањето за да ја поттикне конкуренцијата.

Планот ќе стапи на сила идната академска година на Колеџот за литература, наука и уметност на универзитетот во Мичиген. Оценките со букви од првиот семестар ќе се евидентираат во интерните документи на факултетот заради усогласеност со системот и подобност за стипендии и академски почести. Овие оценки нема да бидат вклучени во просекот. Студентите ќе добиваат известување „положил“ или „без кредити“.

Целта на промената е да им се помогне на студентите од прва година да се прилагодат на барањата на факултетот и да им се овозможи да го трасираат својот почетен академски пат со помал притисок. Тие на пример да посетуваат курс од нова област, без страв дека слабата оценка би можела да има долгорочни последици, соопшти универзитетот.

Сличен план на оценување на бруцошите воведе и престижниот Институт за технологија од Масачусетс (МИТ), со цел да им се остави повеќе време на студентите да се привикнат на зголеменото оптоварување на колеџот и на различните методи на настава. Универзитетот Браун, пак, за многу предмети им дозволува на студентите самите да избираат како да бидат оценувани. Едната опција е да добијат оценка A, B, C или статус „без кредити“, а другата е само да добијат потврда дали го положиле испитот.

Истражувања сугерираат дека оценувањето со положен/неположен испит помага да се намали „прегорувањето“ кај студентите. Од мотивациска перспектива, оценките што ги споредуваат студентите ја зголемуваат анксиозноста, вели Крис Хулеман, професор по образование и јавни политики на Универзитетот во Вирџинија.

Самит Лаут, претседателот на студентската организација на универзитетот во Мичиген, ја поздравува промената и тврди дека огромно мнозинство колеги ја поддржуваат новата политика.

Кога доаѓате на кампусот учите како да бидете возрасни и како да живеете самостојно. Исклучително стресно е кога тоа морате да го усогласите со амбицијата да бидете одличен студент, вели Лаут.

Други истакнати институции, како Универзитетот Харвард, го прифатија спротивниот пристап со оценките, засилувајќи ја конкурентноста. Факултетот за уметност и науки на Харвард во мај со огромно мнозинство изгласа највисоки оценки што професорите можат да ги доделат во додипломските студии да бидат ограничени на 20% од вкупниот број.

13 август 2026 - 16:30