Да го напишеме прво најтешкиот дел од оваа вест: Гурбангули Бердимухамедов. Така се вика туркменистанскиот претседател кој неодамна на своите сограѓани им подари слобода да возат кола со каква боја сакаат, сè додека таа е бела.
Претседателот ја воведе забраната за возење на црни автомобили во главниот град затоа што, едноставно, сака бело. Во бела боја му е целата претседателска флота автомобили, бела му е палатата во која живее а планира во бел мермер да ги обложи и сите фасади во Ашкабат.
Бердимухамедов верува дека белата боја носи среќа а црната е малер. Претходно имал донесено забрана за увоз на црни автомобили во земјата и по тој ферски период на прилагодување, вовел комплетна забрана за движење на црни коли по градот.
Колку и да личи ексцентрично, Гурбангули Бердимухамедов всушност е умерена верзија на неговиот претходник, недостижниот автократски фрик, Сапармурат Нијазов.
Toj имаше забрането кучиња, опера, пудра за телевизиски водители, долги бради, златни заби (ја храбреше младината да глодаат коски за да не им се расипуваат забите), синхронизирање тв емисии, ги преименуваше деновите и месеците со имиња на членови на својата фамилија, на докторите им ја замени Хипократовата заклетва со Заклетва кон него, еднаш ги имаше затворено сите болници надвор од главниот град, за да можат болните од цела земја да видат колку убави болници има во Ашкабат а направи и 15 метарска позлатена статуа од себе поставена на ротирачка платформа која везден го врти лидерот кон сонцето.
Сапармурат Нијазов, да му подари Алах џенет.