Турција не е само рај заради впечатливите предели како Кападокија или сочните турски кебапи, таа нуди и квалитетни медицински третмани по пристапни цени и станува европски хот-спот за таканаречениот здравствен туризам.
Земјата бележи скок од 70% во овој туристички жанр, во споредба со пред-пандемиските времиња.
Во 2022 година, над 44,6 милиони луѓе ја посетиле Турција, од кои 1,2 милиони биле „медицински туристи“. Годинава бројките ќе бидат уште подобри бидејќи во првата половина на 2023 година, медицински услуги побарале околу 750.000 странски туристи.
Голем дел од тоа се стоматолошки интервенции, поконкретно ставање забни навлаки. Овој дентален тренд на Запад веќе се нарекува „турски заб.“
Се оди и за трансплантација на коса, ласерски корекции на очи и операции за губење килажа, третмани кои таму се далеку поевтини отколку во западните европски земји.