Во ова равенство првиот Трамп е пријателот на Путин. Токму ентузијазмот кон Путин е најконзистентниот дел од реториката на Трамп, па додека во неговиот наратив САД се жртви на најразлични странски сили - ЕУ, Кина, Мексико, Иран - Путин е еден од ликовите кои добива најголема наклонетост од американскиот претседател.
Во зависност од тоа кој колку е заговорнички настроен, Трамп е или наивен обожавател на Путин, или долгогодишна алатка на руското разузнавање. Сето ова е придружено од налудничави гласини, кои доколку се потврдени би можеле да го уништат Трамп. Освен досието составено од поранешниот британски шпион околу односите меѓу Трамп и Путин, се појавуваат нови докази кои покажуваат дека Трамп со децении бил финансиран од руски пари. Наводно руски олигарси го спасуваат Трамп од банкрот, а еден од нив се појавува на неколку митинзи за време на претседателската кампања, веројатно делувајќи како врска со Кремљ. Плус на ова се голем број луѓе од новата администрација за кои се покажа дека имале контакти со Русија.
Втората верзија е Трамп како алчен бизнисмен, кој има намера да го претвори својот мандат во уште еден извор на богатство. И покрај директното прекршување на сите правила и стандарди поставени од Канцеларијата за етика на владата, Трамп ја задржува својата империја, додека членовите на неговото семејство се обидуваат да ќарат на името Трамп преку нови инвестиции во светот.
Третата верзија е Трамп како популист и демагог. Сакс го опишува Трамп како непрестаен извор на лаги, кој ги решава неизбежните корекции од медиумите со тоа што ќе ги прогласи за "лажни вести". Според одредени толкувања, неговата демагогија е дело на Бенон, и е во полза на "неговата мрачна визија за претстојната војна на цивилизации". Сакс повторува една изјава што Геринг ја дава од својата ќелија во Нирнберг:
"Народот секогаш може да биде натеран да ги извршува наредбите на лидерите. Тоа е лесно. Се што треба да направиш е да им кажеш дека се нападнати, пацифистите да ги отфрлиш заради немање патриотизам и да покажеш дека земјата е загрозена. Ова успева на ист начин во која било земја."