Тројца сегашни и поранешни функционери на Белата куќа, за Вајс њуз објаснуваат дека во пакетот нема ниту државни тајни, ниту предлози околу законодавните иницијативи на претседателот, туку скриншоти од позитивни кајрони од кабелски вести, твитови со восхитување кон претседателот Трамп, транскрипти од позитивни ТВ интервјуа, новински репортажи со пофални стории за Трамп, "а понекогаш и само слика од Трамп на телевизија како изгледа моќен".
Истите извори објаснуваат дека единствена повратна реакција што авторите на овие извештаи ја добиле по сите овие месеци е дека "тие треба да бидат попозитивни", токму ова е и основата зошто пакетот во Белата куќа најчесто се нарекува "пропаганда документот".
Процесот на негово составување започнува во "воениот штаб" на Републиканскиот национален комитет, кој по победата на Трамп е проширен од 4 на 10 луѓе. (Ваков штаб имаат и двете партии без разлика кој е на власт во Белата куќа). Негова задача е мониторирање на локалните и националните вести, кабелската телевизија, социјалните, дигиталните и печатените медиуми, и сумирање како партијата, нејзините кандидати и противници таму се перципирани.
Подготовката на пакетот почнува во 6 часот наутро, кога пристигнуваат првите тројца вработени во штабот и почнуваат да ги следат утринските емисии на Си-ен-ен, Ем-ес-ен-би-си и Фокс њуз, додека во исто време се листаат весници и се скрола на интернет. На секои 30 минути овие тројца испраќаат меил со скриншоти од кајрони, твиотви и вести до Канцеларијата за комуникации на Белата куќа.
Вработените во Канцеларијата потоа избираат што е корисно од добиените информации и тоа го препраќаат до останатите функционери, а на листа со конкретни новинари им препраќаат пофални наслови за Белата куќа. Во сосема посебна папка се складираат исклучиво само најпозитивните парчиња што потоа треба да му се дадат на претседателот. Во денови кога нема доволно позитивни кајрони, од Канцеларијата за комуникации бараат да им бидат испорачани ласкави фотографии од Трамп.
Идејата за позитивната папка не е лично на Трамп, туку доаѓа од поранешниот шеф на кабинетот и од портпаролот на Трамп, Прибус и Спајсер, кои наводно секојдневно се натпреварувале (додека уште беа вработени) кој ќе му ја предаде папката на претседателот. По нивното заминување, документот се составува со полабав интензитет.