Тим Робинс признава дека правел како што му било кажувано на почетокот на пандемиските карантини. Тоа подразбираше и да се демонизираат оние кои не ги следеа официјалните, владини наративи.
Сфаќа дека и тој бил дел од проблемот ама барем нема проблем тоа да го признае, за разлика од некои кои ептен забегаа, како Џими Кимел и Хауард Стерн кои бараа невакцинираните да немаат право на медицински третман. „И зависниците и екстремно дебелите си прават зијан на своите тела па сепак заслужуваат да бидат лекувани, негувани и сакани,“ додава Робинс.
64 годишниот актер и режисер е загрижен за состојбата на американската култура која радикално се трибализира и во која луѓе стануваат неспособни воопшто да се конектираат со други кои имаат поинакви политички гледишта.
Дури и бескомпромисни либерали се имаат претворено во нешто непрепознатливо за време и после пандемијата, забележува тој.
Со маска на лице Робинс се имаше придружувано на БЛМ протести, за подоцна да сведочи за лицемерието на ваквите „дозволени“собири.
Тој денес жали за губење на кино и театарската публика која тешко се враќа и заради драконските мерки како што е задолжителната вакцинација кои таму опстојуваат дури и откако стана јасно дека вакцините не штитат ни од зараза ни од пренесување на вирусот.
„Кога некаде ти викаат дека си непожелен, нема ни да сакаш да се вратиш таму, кажа Робинс зборувајќи со Мат Таиби.
Тој своевремено одеше да зборува со луѓе кои се противат на карантините, очекувајќи на улиците да наиде на задрти хејтери и отруени души. Наместо нив, наишол на „куп стари хипици и хомеопати“.
Ама затоа, кога ги споделуваше ваквите впечатоци „Твитер нацијата“ брутално го масакрираше.
„Мојата црвена линија е слободата. Не можеш да претеруваш со регулирање на човечките животи. Каква и етикета да ми залепат, јас останувам апсолутист кога се работи за слободата,“ вели Тим Робинс.