Кога во кафана, на свадба или среде предавање дијагностицираме дека повеќе од половина луѓе се залепени за телефоните, јасно е дека зборот „телефон" веќе не е истото она што го подразбирал Александар Бел кога го измислил. Всушност оние чија комуникација претежно се одвива на чет или со пораки, и кои се премлади за да памтат некое друго време, сметаат дека вртењето на телефон е стресно (ако ти треба да свртиш некому) или нападно, па дури и дрско (ако некој ти врти тебе).
Причината е што телефонот кој (упорно) ѕвони изискува моментална реакција, за разлика од другите форми на комуникација кои трпат и одредена асинхронија. Импровизациите на обичните разговори во живо, во ситуација кога не можеш да кликнеш „едит" или да избришеш нешто што си кажал, делуваат како непотребен товар, па затоа и се избегнуваат, до степен кој може да се дијагностицира како „телефонофобија".
На прв поглед во материјална смисла телефонирањето не е ништо поразлично отколку пред неколку децении, само е променета неговата социјална димензија. Сепак, на инфраструктурно ниво ситуацијата не е иста - мобилните телефони работат бежично, што значи дека јачината на сигналот и оптовареноста на сообраќајот можат да ги отежнат или целосно да ги оневозможат повиците. Сите овие фактори прават телефонските разговори да се сметаат и за несигурни. Оваа несигурност веќе е вградена во идејата за телефонот како апарат за зборување, и покрај тоа што и некои типови на комуникација со пораки се базираат на истите технологии. Но заради асинхроноста на нивните услуги ова не се толкува како маана.
Оттаму, мобилниот и умен телефон денес е повеќе нешто што се носи и допира, отколку нешто на коешто се зборува. Со оглед на тоа што често зборуваме од улица или од јавни места, тој веќе не асоцира ни на интимност и топлина, туку повеќе на нешто што се прави за да се заврши некоја работа. Ергономските функции на некогашната слушалка, која беше дизајнирана за фино да легнува на лицето и да биде блиску до увото и устата сега е жртвувана во име на други, побитни дизајнерски елементи.
Ја нема тактилноста на вртење на бројчаникот, памтењето на бројот на саканата личност како мантра, оној прв сигнал кој покажува дека телефонот работи и можеш да почнеш да вртиш, чувството на завршница кога ќе ја вратиш слушалката на место или катарзичното задоолство кога ќе ја треснеш. Остана само притискањето на иконата за повици. Но иако изгледа како само уште една функција на апаратот, таа се уште, барем бегло асоцира на онаа сетилна дразба, кога вашето тело се поврзува со некое друго, низ сите оние жички сместени во пластична кутија.