Ле монд забележува дека со последното гласање договорот за напуштање на ЕУ кој две години се преговараше во Брисел, е мртов, а „ни Тереза Меј, политички зборено, не е нешто подобра.“ Како и тоа дека нејзината засипнатост „ја симболизира состојбата на наводно прагматична држава оставена без глас од нејзиното немање капацитет да направи компромис со соседите.“
Прашањето на Либерасион е „Дали ова е крајот?“ за подоцна сами да си одговорат дека не е. Заклучокот на весникот е дека „никој нема претстава“ што ќе се случи следно. Иако премиерката и буквално и политички го има загубено својот глас „можните сценарија за претстојните денови се неброени, и ниту едно не е поверојатно од другите.“
Холандскиот Де Волкскрант со математички пристап на целата работа забележува дека по 2 месеца преговори (од последното гласање во јануари), британската премиерка успева да убеди само 40 свои пратеници да го променат ставот и да гласаат за договорот. За НРЦ Ханделсблад резултатот бил јасен како ден уште часови пред гласањето.
Во Шпанија, Ел Паис удира по стратегијата на Меј објаснувајќи дека таа никогаш не го контролирала календарот, без разлика колку тоа било нејзина стратегија, „Меј си го потроши времето обидувајќи се да ги дотера евроскептиците и ЕУ до работ на амбисот - без да сфати дека таа лично оди се поблиску до работ на провалијата.“
Франкфуртер Алгемајне Цајтунг предвидува дека договорот ќе биде прифатен како помало зло само откако ќе мине некое време во кое ќе се види дека сите можни исходи се полошо решение од него. За Цајт Меј по ова гласање пред јавноста ќе може да каже дека се борела до крај за каков-таков договор, меѓутоа нејзините пратеници ја одбиле.