Тајната на една долговечност: Кока Кола и невежбање

Легендарниот инвеститор чие фасцинантно берзантско портфолио, долгорочни потези и инвеститорска филозофија му го заслужија прекарот „Оракл од Омаха“, на 94 години најави дека сака да види и во пензија како е. Пак го прашаа за неговата долговечност а тој пак им кажа дека зашеќерените газирани непријатели ништо не ѝ можат на среќата.

* Ворен Бафет заминува во пензија на 94 години

Ворен Бафет до крај ја бранеше својата диета со нездрава храна и својата одбивност кон вежбањето за време на годишното собрание на акционерите на „Беркшир Хатавеј“. 

Седејќи со две лименки Кока-Кола и кутија бомбони пред себе, милијардерот инвеститор и извршен директор на „Беркшир“ ја понуди својата напредна возраст како доказ дека тоа што цел живот е стрвен како дете не му нанело баш некоја видлива штета по животниот век.

„На 94 години, можам да пијам што сакам да пијам “, рече Бафет потегнувајќи од Кока-Колата. 

Потсети дека сличен стил на живот имаше и неговиот долгогодишен деловен партнер Чарли Мангер кој кој доживеа 99 години (види: Чарли Мангер, еден од последните олд скул манги).

„Чарли и јас никогаш не се претргнувавме од физичка активност, сакавме да се сочуваме,“ ги насмеа Бафет акционерите продолжувајќи ја приказната дека извлекле поука од тоа како телата на спортистите брзо се трошат.

Бафет претходно има споделено дека често знае да земе МекДоналд кога оди на работа, дека пие по пет лименки Кока Кола дневно, дека се дави во сладолед а не му е туѓо ништо што  - далеку помладите - апостоли на здравиот живот го сметаат за смртен грев: виршли, помфрит, пуканки, колачи, бонбони....

„Мислам дека среќата има огромна улога во однос на долговечноста“, рече Бафет пред две години. „А јас сум среќен кога пијам Кока-Кола  или јадам хот-дог.“

Просто ко виршла.

 

4 мај 2025 - 10:33