Елизабет Волет од Универзитетот Квебек во Монтреал, пред три години објавува книга на тема граници, огради и ѕидови, тема која посебно се актуелизира со решенијата што ги воведоа европските држави околу бегалската криза.
Хронолошки првата важна случка што го поттикнува подемот на ѕидоградба се нападите од 11 септември 2001, а вториот е Арапската пролет, "односно нејзините последици".
Тука и идеолошки се менува поентата на ѕидовите, кои од алатка за раздвојување на завојуваните страни (пример на Кипар и Корејскиот полуостров), се претвораат во алатка за спречување на масовната имиграција, шверц (претежно на луѓе) и терористички напади.
Во 21-от век прв ѕид крена Израел, кој во 2002 за време на Втората интифада почна да ја гради 700 километри долгата бариера кон Западниот брег. Статистички овој проект е оправдан и со тоа што од 2000 до 2003 во Израел регистрирани се 73 напади на бомбаши самоубијци кои доаѓаат од Западниот брег, за во следните 3 години бројката да падне за 6 пати.
Грција првиот ѕид почнува да го гради во 2010, пред воопшто да има сириски бегалци, за време на својата должничка криза. Ѕидот во должина од 200 километри е изграден на границата со Турција и намената му е да спречува влез на имигранти од Авганистан и Ирак. Значителен дел од овие пари доаѓаат од ЕУ. Ѕидот минатите неколку години се покажа како посебно бескорисен, откако над милион бегалци влегоа во Грција преку море и од таму го продолжија патот кон Германија и остатокот од ЕУ.
Меѓу другите оградувања во Европа ги имаме Бугарите оградени од Грците, Унгарија од Србија, а подоцна и од Хрватска, Словенија од Хрватска, Македонија (делумно) од Грција.
Турција забрзано гради ѕид кон Сирија, и на 1-ви февруари имаа завршено 290 километри од планираните 511. Изградбата на турскиот ѕид започна минатата година, висок е 3 метри, засилен е со бодликава жица и стражарски кули.
Најамбициозниот од сите овие проекти е ѕидот на Трамп кон Мексико, кој треба да биде долг 3.150 километри и да чини 21,6 милијарди долари. Иако, претерано споменуван, нема ниту еден сигурен факт околу овие бројки, и допрва се чека да се утврди датум за почеток на неговата изградба.
Според Волет ѕидовите се посебно атрактивни во предизборно време и вообичаено се поврзуваат со прашањето на идентитетот, односно загрозување на идентитетот, а ги користат демагози за соседите да се прикажат во лошо светло и за да се засили чувството на поделба меѓу "нас" и "нив".
"Изградбата на ѕидови и огради се користи како клучен одговор кога ќе се развие чувството на ранливост поттикнато од миграцискиот притисок и претставата дека со тоа се менува идентитетот на општеството или пак се создава голем економски притисок и трошоци," објаснува Волет.
Душко Петровиќ од Филозофскиот факултет во Загреб, објаснува дека како што поединецот се повеќе ја губи својата политичка моќ, така тој развива чувство на ранливост:
"Државата слабее и се враќа на она што и преостанува, а тоа е безбедноста. Засилувањето на безбедносните механизми се сè поважни, од граничната контрола па нагоре, а ѕидот е крајната видлива последица на тој процес," објаснува Петровиќ.