Жена судски напудила од дома мрцини што ѝ се синови

Процентот на возрасни Италијанци кои сè уште живеат со своите родители традиционално е висок, но една мајка била принудена да преземе драстични мерки откако нејзините два сина - говеда со по 40 и кусур години - упорно одбивале да ги напуштат удопствата на семејниот дом. На нејзина среќа, се погодила судијка.

На 75 годишната жена од Павија, на север од земјата, ѝ збоктисало да ги одржува своите синови, (едниот 42, другиот 40 години) па во многу наврати се обидувала да ги убеди да се решат на некое посамостојно живеење, особено затоа што и двајцата се вработени. 

„Нејќеа ни да чујат“ вели таа, пренесува еден локален весник.

Дополнително се нервирала што двајцата не помагале ни околу домашните трошоци ни околу домашните обврски. На крај ги однела на суд. Им се паднала судијка која сочувствувала со маката на жената и издала налог за иселување на легачите.

Речиси 70% од оние на возраст меѓу 18 и 34 години во Италија сè уште живеат дома со своите родители: 72,6% од мажите и 66% од жените. Студија од 2019 година покажа дека 36,5% биле студенти, 38,2% имале работа а 23,7% барале работа.

Имало и обратни случаи од овој во Павија.  Пред три години, италијанскиот Врховен суд отфрли жалба на 35-годишен музичар со скратено работно време, кој тврдеше дека неговиот приход од 20.000 евра не му стасува за живот и затоа мора да добива пари од старите.

27 октомври 2023 - 14:48