Во тестот спроведен од двајца економисти Раул Лопез-Перез и Ели Шпигелман, на испитаниците им била дадена ситуација во која имале јасен поттик да лажат и никаков поттик да ја кажат вистината, освен ако навистина лично не сметале дека тоа е морално правилно.
Тестот вклучувал двајца испитаници, еден што седи пред монитор и еден што седи зад монитор. Човекот што седи на монитор требало да испрати сигнал до другиот дали на екранот се појавила сина или зелена боја. За секој пат кога ќе пријави сина боја тој добивал 14 евра, кога ќе пријави зелена добива 15 евра. Со други зборови секогаш кога ќе се појавела сината боја, тој требал да избира меѓу искреност или ќар од едно евро. Без разлика на боите, човекот зад мониторот секогаш добивал по 10 евра.
Истражувањето било спроведено на 258 студенти на најразлични студии. Иако во основа сите студенти лажеле, студентите по економија и бизнис лажеле многу почесто од останатите (повеќе и од правници и од новинари и од политиколози). На трето место, зад економија и бизнис, биле инженерите. Неспоредливо најискрени биле студентите по хуманистички науки.
Вториот дел од испитувањето бил да се провери дали студиите по економија штетно влијаат на искреноста на луѓето или пак студентите кои по природа се лажговци повеќе се запишуваат на економија.
Со помош на статистичкиот метод на инструментална варијабла, кој економистите го користат за докажување на причина, двајцата истражувачи заклучуваат дека: "Економистите во нашата студија лажеа повеќе бидејќи се научени така да прават."