Грижата за мајчинството е особено мрачна точка во новиот извештај за катастрофалните практики во британската здравствена служба. Независна експертска истрага на акушерката Дона Окенден за пропустите на Универзитетската болница во Нотингем покажува дека во периодот од 2012 до 2025 година можеле да се спречат 162 смртни случаи на мајки и бебиња. Уште стотици претрпеле штета поради лоши интервенции.
Како типичен пример за состојбата во британските болници е издвоен случајот на Хариет Харис, бебето што во 2016 година починало пред да биде родено. Окенден наведува девет пропуштени шанси да се спаси животот на бебето. Неговата мајка во агонија се јавувала во одделението за мајчинство, но акушерите не ја примиле, водени од политиката да вршат притисок врз жените во раните фази на породувањето да останат дома.
Она што следело било системско прикривање. Од патологот што ја истражувал причината за смртта на бебето биле скриени витални информации. Бил спроведен нов, наводно независен преглед, за да се одвлече вината од болницата. Втората обдукција била извршена без согласност на родителите, забележува Окенден.
Во извештајот таа опишува „токсична култура на малтретирање“ на постари акушери кои едноставните случаи им ги давале на своите пријатели, а сложените на помладиот персонал „за да видат дали ќе потонат или ќе пливаат“.

Скандалот не е ограничен само на Нотингем. Во 2009 година владата почна програма за преполовување на стапката на смртност на родилките; наместо тоа, стапката се зголеми за 20%. Само во текот на минатата година биле исплатени 2,5 милијарди фунти како отштета за клиничка небрежност во породилните единици, што претставува половина од сите медицински исплати на компензација.
Одговорноста требало да биде засилена со „обврската за искреност“, која на британските болници им била наметната во 2014 година по скандал во Мид-Страфордшир – пациентите да бидат информирани за сите грешки оквалификувани како „умерена штета“. Клиничкиот персонал и директорите едноставно се решиле да ги спуштаат сите случаи во категоријата во која „обврската за искреност“ не е задолжителна.
Во случајот на болницата од Нотингем, повреди на мајки и смртни случаи на бебиња биле деградирани како „мала штета“ или „без штета“. Документи биле преработени за да се отстранат сериозни загрижености. Извештај за зголемувањето на бројот на бебиња кои се лекуваат од недостаток на кислород бил значително изменет затоа што „ги вознемирил лекарите“. Биле уништувани досиеја дури и откако почнала истрагата на Окенден. Од 66 лица повикани на сослушување, речиси половина одбиле.
Бароницата Валери Амос во национален извештај заклучува дека официјалните истраги се сведуваат на „болници кои ја оценуваат сопствената домашна задача“, при што наодите често пати немаат врска со настаните. Стравот од барања за отштета поради небрежност ги поттикнува лекарите да тврдат дека „трагедиите биле неизбежни“. На семејствата на жртвите им преостанува да покренат приватни тужби за да ја откријат вистината.