Освен краткиот рок на таинственоста на агентите, главна инспирација е што годишната плата во разузнавачката служба изнесува 35.242 евра. Како што објаснува еден поранешен агент, "доаѓа време во животот кога сите твои колеги од факултет работат во банки и големи корпорации, заработувајќи три пати повеќе, и тоа знае да стане фрустрација". Иако има исклучоци како Кристофер Стил, најголемиот дел од поранешните агенти како “приватњаци” најчесто се занимаваат со фаќање на сопружници во прељуба, или откривање индустриски тајни.
Британија вработува околу 12.000 лица во трите разузнавачки служби: МИ5, задолжени за домашно разузнавање; МИ6, задолжени за странство; и GCHQ (Government Communications Headquarters) задолжени за мониторирање на електронски комуникации. Просечниот рок на траење на вработените во овие служби е помалку од 10 години.
Искуството на поранешните агенти е дека самото тоа што во резиме имаш некоја од разузнавачките служби, кај работодавецот или клиентот "остава впечаток за одредено ниво на твоја компетентност".
Ангажманите на поранешните агенти станаа се позачестени со развивањето на "корпоративно разузнавање" кое обично вклучува истражување на поранешни вработени или компании кои треба да се купат.
Она што ги разликува поранешните шпиони од стандардни магистранти по бизнис или меѓународни односи, е што тие веќе имаат експертиза за правење извештаи, градење врски со контактите и искуство на терен, плус "тие имаат процедура за речиси секој можен проблем".