Туркменистан нема пријавено ниту еден случај на ковид-19 а тамошните независни медиуми тоа не можат да го потврдат бидејќи такви нема.
СЗО своевремено ги предупреди дека треба да забрзаат со подготовки за пандемијата а Универзитетот Џон Хопкинс ги рангираше како 147-ми од 156 здравствени системи по подготвеноста да се справат со пандемија. Но, тие аларми не беа ни потребни бидејќи, како што гледате, ковид таму нема, особено откако Гурбангули Бердимукадемов на докторите им забрани да го употребуваат зборот „коронавирус“
Во таква лабава атмосфера, неделава во еден резиденцијален дел во главниот град Ашгабат, резервиран за домување на државни службеници, беше обелоденета и на свечен начин „пуштена во употреба“ статуа на омиленото куче на Гурбангули Бердимукадемов (во понатамошниот текст, од економски причини - Г.Б.) од расата Алабаи, автохтон овчар кого Туркменистан се обидува, како нематеријално богатство, да го заштити преку УНЕСКО,
Новата статуа е слична на онаа откриена пред пет години во истиот град, „ГБ на коњ“ бидејќи и нарачателот (ГБ) и уметникот е ист; вториов се вика Саргарт Бабајев и има 71 година. Но, овојпат има значајна технолошка новина бидејќи постаментот на позлатената статуа на песот е обвиткана со ЛЕД екран на кој везден си играат кученца.
Иако странски медиуми за Туркменистан јавуваат главно поради крајно лошото портфолио за човекови права (само Северна Кореја е бетер) а има и извештаи дека земјата не е без глад, државните медиуми се окупирани со големите државни проекти од кои најнов е изградба на нови 1.000 домови во Ашгабат. Природно, градежната компанија која ги гради ваквите мега-проекти се вика „Алтан“.
Најверојатен наследник на Г.Б., кој го води Туркменистан од 2007 ма година, е неговиот син Сердар Б. кој во моментов е министер, пратеник и претседател на - федерацијата на расата алабаи.