Школи ги тужат социјалните медиуми, им ги пореметиле децата

Јавните училишта од образовниот дистрикт од Сиетл ги тужат ТикТок, Инстаграм, Фејсбук, Јутјуб и Снепчет сметајќи ги за одговорни за актуелната ментална криза меѓу младите. На компании како Фејсбук им било позната бељата што ја прават ама тоа го криеле од инвеститорите.

 Во жалбата на 91 страница, школите тврдат дека компаниите кои управуваат со социјалните медиуми доведоа до загадување на социјалната атмосфера во која живеат нивните деца кои особено се таргетирани од големите платформи.

Ги обвинуваат за влошување на менталното здравје и нарушувања во однесувањето, вклучувајќи анксиозност, депресија, проблеми со исхраната, сајбер-малтретирање; ги обвинуваат што ја отежнуваат едукацијата на учениците и што ги принудуваат училиштата да ангажираат дополнителни професионалци за ментално здравје.

„Обвинетите успешно ги искористија ранливите мозоци на младите, навлекувајќи десетици милиони ученици и студенти во прекумерна употреба на платформите“, се вели во жалбата.

Американскиот федерален закон - Секција 230 од Законот за пристојност на комуникациите - ги штити онлајн компаниите од одговорност за она што трети страни го објавуваат на нивните платформи.

Интерни студии обелоденети пред две години од Фејсбук свиркач, покажале дека компанијата знаела дека Инстаграм негативно влијае на тинејџерите, нивниот став кон своето тело и доведувал до нарушувања на исхраната и суицидални мисли, но платформата го приоретизирала профитот пред безбедноста на младите па го сокрила истражувањето од инвеститорите и јавноста.

11 јануари 2023 - 10:58