Северна Кореја и 1.000-та волвоа што ѝ ги украде на Шведска

Најголемиот трговски долг на Северна Кореја кон Западот е стар 40 години, и секоја година упорно не се плаќа, и како што наложува логиката секоја година упорно расте, а се однесува на 1.000 Волво возила што Ким Ил-Сунг (дедото на сегашниот лидер) успеал да им ги собере на Швеѓаните.

Моменталниот долг на Северна Кореја кон Шведска, сосе каматите, е околу 300 милиони долари. Речиси половина од овој долг отпаѓа на побарувањето на Волво. Целата приказна започнува по примирјето во 1953-та, кога Северот изгледа како спектакуларна шанса за инвестирање.

Меѓу првите што се подаваат по оваа шанса се Швеѓаните, кои до 70-те развиваат неочекувано блиски односи со Северот, како комбинација на левичарска идеологија (левицата инсистира Шведска да ја признае новата држава) и индустриски интереси (бизнисмените се заинтересирани за рудните богатства на земјата).

"Десантот" на Северна Кореја го започнуваат индустриските гиганти Атлас Копко и Кокумс, и авто производителот Волво. Последниве инстантно добиваат нарачка за 1.000 возила, кои почнуваат да се испорачуваат во текот на 1974. Сето ова се развива како што е планирано, се до шведско-корејскиот саем што следната година се одржува во Пјонгјанг, каде на Швеѓаните им станува јасно дека режимот на Ким нема намера да го плати она што е увезено во земјата.

Во тоа време извозниците ја алармираат власта, "меѓутоа Шведска се уште е премногу затрескана во Северна Кореја, и има потрошено премногу време и фондови на дипломатија и бизнис преговори," за така лесно да се соочат со вака лошите вести.

Компаниите се веќе длабоко влезени во преговори со севернокорејците околу наплаќање на долговите, кога шведскиот печат дознава за целата ситуација. Тие доаѓаат до информации дека Ким Ил-Сунг има слична пракса и со други земји, како на пример швајцарски Ролекс, од каде нарачува рачен часовник од 5 милиони долари, како надополнување на пратката од 2.000 рачни часовници изгравирани со "донирани од Ким Ил-Сунг."

Постојниот договор е дека Северна Кореја увезената стока ќе ја плаќа со бакар и цинк, меѓутоа проблемите настануваат кога сите сфаќаат дека севернокорејските економисти се премногу оптимистички со нивните предвидувања за годишното производство, надополнето со катастрофалниот пад на нивната цена на берзите.

За несреќа на Корејците, Бордот за гарантирање на шведските кредити за извоз од 1974-та, откако е испорачано првото Волво, води сметка и пресметува камати на невратениот долг за сета шведска стока. До сега тој е пораснат на 300 милиони евра. Ако Ким Јонг-Ун земе и ги продаде сите 1.000 волвоа по пазарна цена од околу 2.000 евра од автомобил, тие ќе соберат околу 0,6% од долгот.

Волвоата и понатаму се во употреба во Пјонгјанг, како дел од такси компанијата во градот. Според сведоштвата на шведски сниматели на документарци, "тие се одлично одржувани, речиси комплетно сочувани."

Од 2008-ма, Северна Кореја ја смета Шведска за лажлив пион на САД, кој од империјалистите е изманипулиран до непрепознатливост.

5 февруари 2016 - 14:37