Најмоќното законодавно тело во светот е исто така едно од најстарите – според возраста на членовите. Средната возраст на американските сенатори во сегашниот состав е 64 години, меѓу највисоките во 250-годишната историја на САД. Повеќе од половина се постари од 65 години – возраста за пензионирање во Америка, а една четвртина имаат над 75 години. Просечната возраст на пратениците во двата дома на Конгресот е околу 59 години.
Републиканецот од Ајова, Чак Грасли, на 92 години е доволно возрасен за да се сеќава на Втората светска војна. Социјалистот Берни Сандерс има 84, Ангус Кинг од Мејн има 82, а демократот Дик Дарбин и републиканецот Џим Риш имаат по 81.
На многумина, сенатор им е доживотна професија. Стром Термонд, кој се кандидираше за претседател на Диксикратската партија во 1948 година, беше на функција до 100-годишна возраст; Роберт Берд остана сенатор до својата смрт на 92 години, а Џеси Хелмс помина три децении во Сенатот. Тед Кенеди почина на 77 години, но веќе помина половина век во Сенатот.
Феноменот се протега и пошироко во Вашингтон. Поранешната претседателка на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, има 86 години и останува една од највлијателните личности на Демократската партија. Доналд Трамп сега има 80 години и лани стана најстариот претседател што положил заклетва. Неговиот претходник Џо Бајден ја напушти Белата куќа на возраст од 83 години, но водеше кампања за реизбор, во која покажуваше знаци на сенилност. Неговата состојба ги поттикна демократите да го убедат да се повлече.

Ништо помлад не е ни Врховниот суд, чии членови имаат доживотен мандат. Судијата Кларенс Томас има 78 години, Самуел Алито има 76, а Соња Сотомајор има 72 години. Главниот судија Џон Робертс има 71 година.
Впечатлив е контрастот со Европа, каде што самитите повеќе личат на состанок на управен одбор отколку на собир на ветерани. Францускиот претседател Емануел Макрон има 48 години, идниот британски премиер Енди Бернам има 56, а италијанската премиерка Џорџа Мелони има 49 години. Финците во последните неколку циклуси имаа премиери што не наполниле 40 години. На таа возраст сега се лидерите на Исланд и на Холандија.
Политички научници велат дека постојат структурни причини за американската геронтократија. Сениорите се ценети во Конгресот поради влијанието стекнато во повеќедеценискиот престој во институцијата и способноста да привлекуваат средства за кампањи. Тоа им се главни адути во изборните битки со младите и неискусни предизвикувачи.
Берд и на возраст од сто години беше почитуван како „подвижна енциклопедија“ за правилата на Сенатот, а тоа сега важи за Грасли (92), кој се уште надгледува владини агенции. Но, случајот на Меконел и состојбата на Бајден отвораат дилеми кај гласачите дали кандидатите ќе ја издржат нивната доверба.