Самоубиецот е еден од нашите

На целата трагедија од смртта на 150 луѓе, комплетниот германски пилотски еснаф, вклучително и екипажите, се уште не можат да сфатат дека нивни човек намерно го срушил авионот во Алпите.

"Што било друго подобро ќе поднесев. Седам во ист авион како и тој. Ја имавме истата подготовка. Замислата дека тој седел тука 8 минути додека планините забрзано му се приближувале, а зад него имало над сто луѓе, вклучително и бебиња, ученици и колеги, кои седеле па дури и почнале да врескаат. Тоа е лудило," изјавува за Суддојче Цајтунг пилот на Луфтханса.

Според колегите, Лубиц до последен момент можел да се премисли. Дури и на неколку секунди пред судирот тој можел да го ресетира автопилотот, со сета сила да ја повлече рачката кон себе и да даде полн гас, сценарио кое пилотите го вежбаат кога учат на симулатор.

"Новото 'правило на двајца' кое Луфтханса го воведе по падот, и кое предвидува во секое време во кабината да има по двајца членови на екипажот, ќе служи како траен потсетник на Андреас Лубиц - секогаш кога пилотот ќе излезе од кабината, за да оди во тоалет или по кафе," пишува весникот.

Неверувањето е и заради речиси совршената методологија за регрутирање што ја имаат Луфтханза и ќерката компанија Џерманвингс, чии пилоти објаснуваат дека "не можеш подетално да анализираш еден човек од ова."

"Тие што ќе успеат да го минат првиот круг се доволно квалификувани за да можат да ги минат и понатамошните проверки. Заради ова пилотите сметаат дека барањата за дополнителни психолошки тестови се погрешни," објаснува весникот.

Во својата обука пилотите учат и како да препознаат ако нивните колеги се однесуваат сомнително и за тоа да го известат претпоставениот, што "не се смета за цинкарење, туку за неопходна предострожност." Меѓутоа во пракса ова не е секогаш лесно, бидејќи капетаните и ко-пилотите секој лет добиваат друг партнер, со цел да не развијат заедничка рутина.

7 април 2015 - 13:05