Пресметките се дека годишно покрај Земјата минуваат 900 астероиди, од кои некои се преполни со гориво и метали. Најновиот астероид кој неделава треба да пројде во близина на Земјата, се проценува дека има ресурси во износ од 195 милијарди долари.
До сега има две компании Planetary Resources и Deep Space Industries, кои се заинтересирани да започнат со искористување на астероидите.
Планот за ова (барем на Deep Space) е следен:
Прво, ќе се испратат вселенски летала за откривање на астероиди. Нивната мисија ќе трае од 2 до 6 месеци и таа ќе биде во еден правец.
Второ, кога овие летала ќе начекаат астероид тие ќе направат стотина фотографии од него, за да може од нив да се одреди дали станува збор за отпад или за тело составено од руда како - никел, железо и платина.
Трето, една година подоцна испраќаат поголемо летало чија задача ќе биде на Земјата да врати остатоци од астероидот, за научниците да можат да ги проучат. Неговата мисија трае од две до три години.
Следно ќе биде лансирање на поголеми летала кои ќе можат да довлечкаат астероиди со дијаметар до 7 метри во орбитата на Земјата.
По ова од астероидот ќе се вади метал кој во вселената ќе се претвора во делови, а ќе се собира и мраз кој потоа ќе биде преработен во ракетно гориво. Ова гориво ќе биде употребено за напојување на сателитите кои веќе се во орбитата на Земјата (со што нивните сопственици би заштедиле меѓу 50 и 100 милиони долари).
Производството на метални делови би требало да се врши со помош на 3Д принтер (на кој веќе работи Deep Space), кој ископаната руда би ја претворал во готов производ. Овие делови понатаму можат да се користат за поправка на леталата, изградба на фабрики во вселената или живеалишта за луѓе. Денес, испраќањето на материјали во вселената (без разлика дали е вода, храна или некој дел за машина) чини 10.000 долари за пратка од 450 грама.
Вадењето на руда за потребите на Земјата се очекува да почне најрано за 15 до 20 години.