За Фишер сосема е погрешно ако некои изјавата на Меркел дека Европа мора да се потпре сама на себе, ја сфатат како напуштање на трансатлантското сојузништво.
"Секој што внимателно следи знае веќе некое време дека историските промени кои се случуваат денес не потекнуваат од Германија. Туку, тие се шират од двата основачки членови на геополитичкиот Запад: САД и Британија. Пред изборот на Трамп и референдумот за брегзит, Германците не гледаа причина за правење фундаментални промени на постојниот геополитички поредок.
Меѓутоа тие два настана ги потресоа темелите на кои европскиот мир и просперитет се потпираше уште од крајот на Втората светска војна. Британската одлука да се повлече од ЕУ може да натера и други држави да ја следат. А изолациската агенда на Трамп наведува на тоа дека САД ќе се откаже од улогата светски лидер, и можно е да ги напушти своите безбедносни гаранции за Европа.
Европејците избегнаа катастрофа од историски размери на француските претседателски избори. Ако Марин Ле Пен беше избрана, таа најверојатно ќе ставеше крај на еврото, на ЕУ и на заедничкиот пазар. Континентална Европа ќе влезеше во длабока економска и политичка криза.
Оние кои се уште ја поддржуваат обединета Европа треба да научат нешто од оваа тесна победа во Франција, за да не ни се повтори историјата. Европа мора да го прошири својот капацитет за делување, и да одговори на кризите и околностите кои се менуваат. И тоа беше сржта на обраќањето на Меркел," пишува Фишер.
Тој продолжува објаснувајќи дека внимателна анализа на говорот покажува дека Меркел не ја става под знак прашање иднината на трансатлантската асоцијација, туку дека повика на посилна Европа.
"На Меркел и е јасно дека ако САД ја жртвува својата позиција како лидер на светот, таа нема да биде заменета од нова светска сила, ниту пак ќе се појави нов светски поредок. Ќе ни се случи вакуум во моќта, обележан со хаос. И како што светот ќе станува помалку стабилен, Европејците нема да имаат друг избор освен да ги бранат сопствените интереси. Никој друг нема да го направи тоа за нас.
Па, говорот на Меркел прво и пред сè е за засилување на Европа. И, за среќа, таа најде партнер за тоа во францускиот претседател Емануел Макрон. И двата лидери сакаат да ја стабилизираат еврозоната, да го вратат економскиот раст, и да ја засилат европската безбедност со заеднички гранични сили и нова политика за бегалци.
Меркел го мислеше тоа што го кажа во Трудеринг (населбата во Минхен).
Сегашната улога на Германија во еврозоната како циција и сезнајко е спротивна од новиот пристап што таа сака да го има. За да демонстрира вистинско лидерство во француско-германското партнерство, Германија ќе мора да направи политички отстапки.
Плус, само затоа што Трамп кажал нешто не значи автоматски дека тоа е погрешно. Германија и Европа генерално, ќе мора да прават далеку повеќе за да ја осигурат својата безбедност и да го засилат трансатлантскиот мост што го одржува европскиот мир и просперитет," пишува поранешниот германски министер за надворешни работи.