Џим Кроу, озлогласениот симбол на расистичките закони, денес е од кај „разбудените“, саркастично пишува Брендан О Нил.
Примерот го дава Универзитетот Беркли, Калифорнија (види овде). Тамошна студентска организација има правило дека белите луѓе се забранети во места за обоени студенти. Обоените луѓе, велат тие, мора да имаат право да „избегнуваат бело насилство и присуство“. Со други зборови, бојата на кожата воскресна, овојпат за да ги заштити кревките црнци од ѓаволските белци.
Поконректно, ова се однесува на „Тематската куќа на обоените“ во која секој што носи бел гостин, тоа мора јасно и гласно да го најави („Пазете, белец во куќата!“). Поранешен станар во куќата вели дека расизмот кон белците таму е стандардна работа, таквите се исмеваат кога поминуват и зајадливо се потсетуваат дека се белци.
Управата вели дека не постои официјално правило но не кријат многу дека белците не се најдобредојдени. Познатиот еко-активист Дејвид Сиборг кој има завршено таму, деновиве гласно го критикуваше расизмот против белците и менталитетот на разбуденоста што владеат во тој дел од кампот.
„Берклиевото лудило во суштина е анти-црнечко“, вели О Нил. „Идејата дека црните студенти треба да бидат заштитени не само од од зборовите и идеите на белците туку и од самото нивно присуство имплицира дека тие се слаби и кревки, детски немоќни сами да пловат низ секојдневието и плуралистичкото општество.“
Не е само Беркли. И во други универзитети во САД цветаат идеи дека има нешто добро во одвојувањето на расите во нивните кампови. Оние во Њујорк и Конектикат веќе оформија посебни делови за црни студенти, овојпат ѓоа за нивно добро, да не бидат контаминирани од белците и нивните идеи. Со слични решенија или идеи се и Стенфорд, Корнел, Универзитетот на Западен Вашингтон....
Каков и да е наративот зад оваа разбудена сегрегација, таа неодоливо потсетува на едно клучно убедување од ерата на Џим Кроу - дека мешањето на расите не е добро решение. „Еднакви, но одвоени“, велеше идеологијата на Џим Кроу. Тврдењето дека на црнците им е потребен безбеден простор од белците, дека белото присуство е против удобноста на црните е само едно „разбудено“ реновирање на старите расистички идеи.