Пустелијата на Источна Европа

На планетарно ниво Источна Европа ги има топ 10-те држави чија популација најбрзо се намалува, покажуваат бројките на Обединетите нации.

Проекциите се дека во следните неколку децении државите од Источна Европа ќе имаат најдраматично намалување на бројот на жители, а проблемот е само влошен со тоа што сите овие земји најдиректно го одбиваат едно од можните демографски решенија - прием на имигранти.

Подредени според предвидениот процент на намалување, листата е следна: Бугарија, Латвија, Молдавија, Украина, Хрватска, Литванија, Романија, Србија, Полска и Унгарија.

Во проценти најголем ќе биде падот во Бугарија каде од денешните 7,08 милиони, во 2050-та се очекува да станат 23% помалку или вкупно 5,42 милиони. Латвија се очекува да падне од 1,95 на 1,52 милиони жители, а Молдавија од 4,05 на 3,29 милиони.

Во чисти бројки, најсериозен пад и се предвидува на Украина која од сегашните 44,2 милиони жители се очекува дека 2050-та ќе ја пречека со популација од 36,4 милиони жители.

Освен предвидувањата, истражувачите направиле и ревизија на изминатите бројки, која повторно вади црни статистики за Бугарија според кои популацијата на земјата веќе се има намалено за повеќе од 20% во периодот од 1989-та до 2017. Пред распадот на Источниот блок, Бугарија има 9 милиони жители, наспроти денешните 7,08.

„Ова се масовни загуби на популација, кои се без преседан во мирнодопски времиња,“ објаснува главниот истражувач од Витгенштајн центарот, Томас Соботка.

24 јануари 2018 - 15:31