Сондра Винер (87) и Марвин Винер (90) се најдени мртви во нивниот дом во Бојнтон Бич во Флорида. Полицијата соопшти дека сцената личи на класично убиство па самоубиство иако не наведува кој ја извршил оваа тажна ликвидација.
Тие во шемата изгубиле преку 3 милиони долари, поради што беа принудени да ја продадат куќата притоа дополнително губејќи пари.
Понзи шемата на Берни Мадоф изгоре околу 65 милијарди долари. Класична пирамидална измама во која се ветуваат камати многу повисоки од банкарските а се исплаќаат со помош на новите уплати, така што еден мал процент кои влегле рано завршуваат со големи пари, а огромен дел од оние кои касно палат, горат како чкорчиња бидејќи пирамидата веќе нема каде да се шири со задоволителен прираст.
Цело семејство на Мадоф настрада од бруката. Неговиот најстар син се обеси две години откако стариот заврши во затвор, оставајќи проштално писмо во кое директно го посочи татко му како човек кој му го уништил животот.
Помладиот син умре во 2014 година, убеден дека стресот од аферата повторно го активирал ракот кој своевремено се имал повлечено.
„Скандалот и сè што се случуваше го уби брат ми многу брзо. Мене ме убива истото, ама бавно,“ своевремено изјави Ендрју Мадоф.
Поврзани со шемата се имаа убиено уште неколку инвеститори, меѓу кои и еден кој инвестирал седум милијарди долари.
Самиот Берни Мадоф заврши зад решетки, бараше од Трамп да му ја намали казната од 150 години а лани почина во затвор од бубрези, на 82 години.