Проклетството на паметните

Проблемот на големи групи со паметни луѓе

Преполн со хвалоспеви за тоа колку навистина паметни луѓе му се колеги, инженер на Гугл објаснува и зошто некогаш не е најважно сите најпаметни да бидат во твојот тим.

Според инженерот на Гугл Фајбер, Ајвери Пенарум, импресионира самиот просек на интелигенција на вработените на Гугл, но сепак: "паметните луѓе имаат проблем, посебно ако ги ставиш во големи групи. Овој проблем е способноста уверливо да рационализираат речиси се'."

Објаснувањето е дека паметните луѓе, посебно оние од ИТ секторот, имаат сериозни тенденции да бидат логички ориентирани, заради што секогаш наоѓаат објаснување кое ќе му даде поддршка на кој било заклучок.

Дополнителен проблем е што истите овие луѓе имаат тенденција да ја избегнуваат хаотичноста на реалниот свет "чии што резултати не се вклопуваат во логичните рационални исходи" што тие ги предвиделе.

Така во Гугл на пример, проектите можат лесно да бидат рационализирани:

"Работењето во големи и успешни компании те остава да ја задржиш својата изолација. Ако избереш, можеш само да ги игнорираш сите непријатни факти за светот. Можеш да донесеш одлука базирана на која и да е норма што ќе ја избереш. Успехот или пропаста на твојот проект на пазарот не е нешто важно; важно е дали тој ќе биде откажан или не, одлука која зависи од ќефот на шефот, на шефот, на шефот, на твојот шеф, кој како твоја единствена врска со непријатниот и непредвидлив надворешен свет, изгледа како да ги бира проекти по полу-случајна основа, и секако без почит за квалитетот на твојот придонес во него.

Сето тоа создава околина во која е лесно да се опишат твоите успеси (проекти што не се откажани) во смисла на големината на твојот тим, а сите твои неуспеси (проекти што се откажани) во смисла на каприциозност на луѓето. Крајниот корисник или профитабилноста ретко влегуваат во оваа равенка. Овој проект не треба да е профитабилен; имаме ќар секој пат кога луѓето трошат повеќе време онлајн. Овој проект не мора да биде профитабилен: можеме да го користиме за да собереме повеќе податоци за корисниците. Корисниците секогаш ќе бидат несреќни, ама тоа е само затоа што тие имаат одбивност кон промени. И така натака," пишува Пенарум.

Како последица на сето ова Гугл е проколнат на преголема самоувереност. Компанијата и луѓето во неа се толку успешни во животот, што веруваат дека се што прават е успешно и заслужува позитивни резултати.

"Моментално еден од најголемите проблеми на работното место е недостатокот на самодоверба, исто така познат и како Синдром на измамник. Овој синдром ги фаќа луѓето кои не се комплетно уверени дека се на светот е логично и затоа им е потешко да ги рационализираат работите.

Меѓутоа мислам дека Синдромот на измамник е вреден. Луѓето со овој синдром се оние кои не се сигурни дека е доволен логичниот доказ за тоа колку тие се паметни. Тие гледаат околу себе и наоѓаат нешто погрешно, интуитивно сетило дека околу нас логиката не секогаш се согласува со реалноста, и дека очигледно правилното решение не секогаш води до очигледно среќни корисници, и ова е вознемирувачко бидејќи покажува дека некогаш не е доволно колку си паметен, и можеби дека ако се чувствуваме како да не знаеме што правиме, тоа е затоа што не знаеме.

Синдромот на измамник е гласот во тебе што ти кажува дека се' не е како што изгледа, и дека се може да биде изгубено во секунда. Проблем имаат луѓето кои не можат да го чујат овој глас," објаснува Пенарум.

7 јули 2014 - 13:19