Украинските загуби што ги пренесува Гардијан се некаде меѓу 600 и 1.000 војници на ден (Арестович тврди дека се 150 убиени и 800 ранети на ден, а според Михајло Подлјак бројот е меѓу 100 и 200 загинати на ден).
Пишувајќи дека станува збор за извонредно голема загуба на човечки животи изгубени главно во одбраната на Северодонецк, Гардијан во својата анализа тврди дека грешката на Украинците е што воопшто решиле да го одбранат градот, наместо да се повлечат во многу полесниот за бранење Лисичанск.
„Самата бројка - над 20.000 жртви месечно - го поставува прашањето за тоа во каква состојба ќе биде украинската армија ако војната се продолжи до есенва. Секако истото важи и за Русите. Меѓутоа окупаторите веќе контролираат големи делови од Украина, и можат да ги запрат борбите со територијална предност во нивна корист.
Бројките треба да се земат во контекст. Украинската армија, според Меѓународниот институт за стратешки студии, имаше над 125.000 припадници, плус 102.000 национална гарда и граничари. Процените се дека од почетокот на војната оваа бројка е дуплирана на 500.000.
Силите на Киев се далеку од точка на колапс. Меѓутоа неколку месеци високи загуби значително ќе ја еродираат борбената сила, дури и ако се овозможи некои од ранетите да закрепнат. Во меѓувреме украинските сили постојано губат територија во артилериските операции во Донбас кои се толку интензивни што најверојатно ќе остават последици на многумина што ќе ги преживеат.
Моралот секако е проблем за Русите, но сега има и извештаи за дезертирање и на украинска страна,“ пишува Гардијан.
Од почетокот на војната западни функционери и понатаму одбиваат да зборуваат за украинските загуби, нагласувајќи ги само загинатите од руска страна, нивната бројка е од 15 до 20 илјади од над 150-илјадна војска што Русија ја ангажираше за окупацијата.
„Меѓутоа тие избираат да не објават исти процени за Украина, што може да создаде впечаток дека Русите минуваат далеку полошо.
Но факт е дека со артилериска надмоќ од 10 или 15 спрема 1, според Украинците, можеби токму стапката на смртност на окупаторите да е далеку пониска во моментов, затоа што тие можат да нанесат смртоносни удари од многу подалеку, на бранителите кои воопшто не можат ни да ги видат,“ објаснува Ден Сабаг за Гардијан.
Сосема е друг проблемот со немањето муниција, и според заменикот на украинското воено разузнавање, Вадим Скибицки, Украина користи меѓу 5 и 6 илјади парчиња артилериска муниција на ден, и веќе ја има искористено речиси целата залиха од 152-милиметарски гранати од советско производство, па сега зависи од 155-милиметарските НАТО хаубици, за кои не се знае уште колку ги има.
Сабаг, инаку дописник од Киев, пишува и дека украински команданти му признале дека Украина има проблем и со некоја најосновна опрема, како енкриптирани радија или напредни оптички нишани.
„На Украина не и недостасува храброст и одлучност. Западната поддршка се уште останува. Меѓутоа руските сили се тие што најдоа начин да напредуваат во Донбас, поставувајќи го прашањето дали 3-месечната војна е пред уште една пресвртница,“ пишува Сабаг.