Пратеник одев мајко, порно ми беше

Британската конзервативна партија го суспендираше Нил Периш а тој поднесе оставка како член на британскиот парламент откако се дозна дека гледал порно на парламентарна сесија. Периш прво се вадеше дека гледал трактори и случајно забегал на погрешна страна. А после му се уарнило.

Доскорешниот британски парламентарец го призна она на што се пожалија две негови колешки кои седат до него. Дека за време на заседавање гледал порно на својот телефон.

Двапати.

За првиот пат Периш тврди дека гледал трактори на интернет кога случајно и несакајќи отишол на веб страница со слично име (хот тракторс?). Очигледно му се бендисал тој свет па на друга седница решил да ја посети истата порно страница, да види што има ново.

Лабуристите велат дека нивните опоненти срамно го менаџирале овој инцидент, со денови обидувајќи се да го покријат или релативизираат.

На почетокот на април, еден друг конзервативен пратеник, Имран Ахмад Кан исто така поднесе оставка откако се откри дека во 2008 година, извршил сексуално насилство врз 15 годишна малолетничка.    

Истиот месец и трет конзервативен пратеник беше суспендиран, заради сексуално вознемирување и злоупотреба на кокаин.

1 мај 2022 - 10:29