Меѓународната ЕМИ академија за телевизиски награди годинава решила „Наградата од основачите“ да му припадне на гувернерот на Њујорк, Ендрју Куомо, заради „ефикасната употреба на телевизијата во време на пандемија “
„Неговите 111 дневни брифинзи функционираа толку добро затоа што гувернерот ефектно создаваше телевизиско шоу, со ликови, заплети, приказни за успеси и порази“, соопшти Академијата.
Преведено на нашки, тоа е она кога занемаруваш што имаме ужасно поголема смртност од сите околу нас, ама заклучуваш „овој Венко убаво зборува.“
Инаку, Ендру Куомо се обвинува дека е директно одговорен за дивеењето на ковидот во старечките домови во Њујорк а објавата на наградата доаѓа само два дена откако тој на новинар му кажал дека „со одвратен и агресивен тон“ му поставил прашање дали школите ќе останат отворени во ситуација кога стапката на зараза расте.
Вината околу старечките домови лежи во неговата наредба тие да примаат „здравствено стабилни“ пациенти од ковид-19 за да бидат ослободени места во болниците. Официјалната бројка на починати лица во тие установи е 6.700 но Асошиетед прес уште во август процени дека е безмалку двојно поголема.
На многумина не им се верува дека политичар може да добие телевизиска награда поврзана со болест која и натаму масовно зема животи на Американци и сметаат дека ваквите потези се причина поради која на луѓето им се гадат холивудските елити кои имаат изгубено допир со реалноста.