Ни најмалку пријатната работа која во основа се сведува на рударење е финансирана од кинеската и генерално азиската побарувачка по коски од мамут и носорог. Не дека станува збор за некој новооткриен антички кинески рецепт базиран на мамути, туку заради се посериозното стегање на законите за лов на слонови, пазарот решава дека откопувањето заби од мамут е поевтино и полесно од ловокрадењето.
Цената на еден мамутски заб, т.нр. "легална слонова коска", купен на Сибир може да биде и десетици илјади долари, за едно поголемо парче.
Фотографот Амос Шапел, патува во Јакутија (по површина осум пати поголема од Германија), каде за репортажа за Радио Слободна Европа минува некое време со локалните копачи.
Целата операција, барем во уништувањето на околината, е идентична со ископувањето злато. Копачите се фокусираат на соголување на земјиштето и правење дупка во вечниот мраз, во потрага по пештери со остатоците. "Копањето" се врши со пумпи кои вадат вода од околните реки, и пожарникарски црева. Во топла почва коските обично скапуваат во рок од една година, меѓутоа во праисторискиот мраз коските од мамут можат да траат и повеќе десетици илјади години.
Коската на сликата тежи 65 килограми, и е продадена за 34.000 долари. Двајцата што ја најдоа оваа коска, во рок од околу една недела ископале уште три вакви, меѓу кои и една од 72 килограми.
Освен мамутите, добра заработувачка носат и черепите и роговите од праисториските носорози, кои најчесто се продаваат во Виетнам заради верувањето дека помагаат во лечење рак. Рогот од 2,4 килограми бил продаден на препродвач за 14.000 долари. Процената е дека додека да стигне на пазарот во Виетнам тој ќе чини повеќе отколку неговата тежина во злато.
Процените се дека најголемиот дел од копачите ќе најдат бескорисни коски, што не можат да ги продадат. Палеонтологот Валериј Платников, проценува дека само 20 до 30 проценти од копачите ќе најдат нешто што ќе можат да го продадат.