На 57 светлосни години од Земјата (плус минус некој метар), со телекоскоп е откриена нова, голема и розева планета. Голема колку Јупитер а оддалечена од "своето Сонце" 43, 5 пати повеќе отколку ние до Сонцето. Да се наоѓа во нашиот систем, новата планета (наречена GJ 504b) би била отаде орбитата на Нептун.
И токму тоа е проблемот. Според сегашните теории, таква планета не би можела да се наоѓа таму.
Имено, за формирањето на планетите со големина на Јупитер, доминантна е тн теорија за јадрена акретација. Накратко и најлаички, таквите планети се создаваат така што околу доминантните водород и хелиум постои голема количина вселенски прав и отпад. Честичките се судираат, окрупнуваат, формираат поголема маса. Толку голема што почнува да има значајна гравитација која почнува да го собира и околниот вселенски "отпад" се додека не се формира гасовит гигант каков што е Јупитер.
Но, според таа теорија, ваква планета може да се формира најдалеку до траекторијата на Нептун. Бидејќи ако е подалеку, отпадот би бил толку распрскан што не би имало доволно материјал за создавање планета.
А оваа, розевава, е подалеку од Нептун.
"Ќе мора да разгледаме алтернативни теории за формирањето на планетите или сериозно да ги процениме основните претпоставки на сегашната теорија," изјави истражувачот Маркус Јансон.
На почетокот на оваа година астрономите открија уште една планета надвор од Сончевиот систем која со својата оддалеченост од ѕвездата родител исто така ја демантира важечката теорија за создавањето на планетите.