Патот до неуспехот е поплочен со соларни панели

Франција своевремено храбро најави 1.000 километри пат составен од соларни панели кој требаше да обезбедува струја за дури 5 милиони домаќинства. Шест години подоцна, признаваат дека ептен го имаат утнато. Меѓу другото, не земале предвид дека таму се возат и трактори.

Во 2016 година, Франција претстави храбар план за изградба на соларни автопати во должина од 1.000 километри, кои би биле составени од фотоволтаични панели. Веруваа дека завршениот пат еден ден ќе може да напојува до 5 милиони домови. Владата инвестираше 5 милиони евра за тестирање на концептот.

Види: Франција ќе се поплочува со соларни панели (2016)

Минаа речиси три години од првото пробно возење по соларната траса долга еден километар. Ангажираните инженери и владините претставници проценуваа дека оваа делница ќе може да напојува до 5.000 домови.

Не ќе да е така. Амбициозниот „ват-пат“ досега се покажа како разочарувачко патешествие.

Соларниот километар се состои од 2.800 фотоволтаични панели, покриени со специјална силиконска смола која од која се очекуваше да го штити патот и од најробусните камиони со приколки со 18 тркала.

Но, се чини дека проектот беше осуден на неуспех уште од самиот почеток. Овој регион во Франција не е познат по изобилство на сонце. Обично, град во Нормандија има само 44 дена силна сончева светлина годишно.

Уште од отворањето на патот, панелите почнале да се расклатуваат или кршат. Во првата ревизија било констатирано дека инженерите не ја земале предвид штетата што ќе ја предизвикаат природните сили (громови и сл.) мувлата од лисјата и огромните трактори. Меѓу другото, возењето по панелите со силиконска смола правело толку многу бучава што брзината на морала да биде ограничена на 70 километри на час.

Најголемата количина енергија генерирана од коловозот достигна само половина од посакуваната, околу 150.000 kWh пред да падне на 78.000 во 2018 година и конечно на 38.000 на почетокот на 2019 година.

„Техничките и економските елементи на проектот не беа доволно разбрани. Комплетно е апсурдно да се инсистира на иновации на сметка на решенија кои веќе постојат и се многу попрофитабилни, како што се фотоволтаиците на покривите“, вели потпретседателот на Мрежата за енергетска транзиција, Марк Једличка.

И дизајнерите на проектот признаваат дека моделот не им функционира за долги делници па во иднина ќе се фокусирале само на модули од 3, 6 и 9 квадратни метри од кои ќе може да се напојува контролна камера или да се осветли автобуска постројка.  

19 мај 2022 - 12:50