Франција деновиве ги отвори судските и полициските архиви од војната во Алжир, која траеше од 1954 до 1961 година. Sо уредба на министерката за култура Розелин Башело е овозможено пребарување на извршените злосторства, за што досега беше потребно да се добие посебно одобрение.
Алжир беше под француска власт цели 132 години. На крајот на 1954 година, фракција млади алжирски муслимани ја основаат герилската организација Национално ослободителен фронт, која подига неколку крвави востанија.
Франција во Алжир има испратено 500.000 војници за да ги задушат буните а алжирскиот Фронт се повлекува во руралните области.
Југославија во тоа време ја призна привремената бунтовничка влада на Алжир и ги застапува интересите на Алжир во Обединетите нации, спротивставувајќи се на ставот на Франција дека тоа е востание на „мала екстремистичка група“. На борците за независност им пружа материјална помош, тајно го снабдува со оружје Национално ослободителниот фронт, а тешко ранети алжирски војници биле згрижувани во југословенските болници.
Ова ги влошува односите меѓу Тито и генералот Шарл Де Гол, но уверливо ја зајакнува позицијата на Југославија меѓу земјите од Третиот свет.
Кон средината на 1958 започнува нова, поинаква криза: Алжирци од Европа бараат спојување на Алжир со Франција!
Де Гол го посетува Алжир, бива топло пречекан од „европејските“ Алжирци, но веќе не го дели нивниот ентузијазам за интеграција на Алжир. Порачува дека Алжирците имаат право сами да ја одредуваат својата иднина па во 1961 година започнуваат мировни преговори меѓу Франција и Привремената влада предводена од Национално ослободителниот фронт.
Следниот месец, група полковници формираат Тајната армиска организација (Organisation armée secrète OAS), која има намера да го спречи Де Гол да му даде независност на Алжир. Сепак, мировниот договор бива потпишан вп 1962 година, на Алжир му е ветена независност, следува референдумско одобрување на договорот по што еден милион Европјани решаваат да го напуштат Алжир.
Во седумгодишната војна за независност, убиени се над 100.000 муслимански и 10.000 француски војници, илјадници цивили и стотици европски колонисти.
Некаде при крајот на војната, во Париз се случуваат демонстрации на француските муслимани од Алжир, против полицискиот час воведен од надлежниот париски полициски префект. Британските историчари Џим Хаус и Нил Мекмастер настаните ги опишуваат како „најнасилната модерна државна репресија што некогаш била применета против улични демонстрации во Западна Европа“.
Тие ноќи, француската полиција ги тепала, убивала и ги фрлала во Сена Алжирците кои учествувале во бунтот. Француските политичари и полицијата со децении ја прикриваа вистината за тој масакр, а таа тема беше цензурирана во медиумите.
На отворањето на архивите му претходеше признанието на Макрон од 2018 година дека зад исчезнувањето на алжирскиот математичар и комунистички активист Морис Один во 1957 година стои француската војска.