Аеродромот во Брисел е само неколку километри оддалечен од Колеџот за бизнис и технологија на кој студира Мурат Лакруи. Утрото на 22 март тој е на предавања кога еден од колегите на мобилен му ја покажува ударната вест за експлозијата на аеродромот.
Иако дента Мурат има планирано тренинг по теквондо, како што полека пристигнуваат дополнителни информации околу нападот нему му е јасно дека нема да се одржи. Некаде околу пладне идентификуван е еден од четворицата бомбаши самоубијци - 24-годишниот Наџим Лакруи.
Шпигел успева да добие интервју со Мурат по неколкунеделни нагодувања, кога се договараат дека тој може кога сака да го прекине разговорот, меѓутоа ќе одговори на сите прашања.
"Изминатите недели беа екстремно тешки за моите родители, двајцата помали браќа и за мене. Претходно кога нешто лошо ќе ми се случеше во живот, секогаш можев тоа брзо да го потиснам и да го заборавам. Ама овој пат е поинаку. Незамисливо ми е дека брат ми можел да направи вакво нешто. Нè советуваа дека треба да си го смениме презимето, ама и тоа не е решение. Тоа е мое презиме, и презиме на татко ми," објаснува Мурат.
Како познат спортист, Мурат на два дена по нападот мора да излезе пред новинарите и да одговори на прашања од типот - Како брат ти можеше да го направи ова? Ти не ли примети нешто? Тој нема одговор на ниту едно од овие прашања.
Мурат и Наџим се израснати во иста куќа во Брисел, во претежно имигрантска населба. Татко им по потекло од Мароко не сака двајцата да ги гледа како скитаат по улици, па ги испраќа да тренираат теквондо. Планот успева кај Мурат кој веќе на 14 годишна возраст почнува да се натпреварува, Наџим кој тогаш има 18 се откажува од спортот. Наместо теквондо, Наџим пушта брада и престанува да се ракува со жени, често пати посетува џамија во северен Брисел каде се радикализира.
"Читаше книги за модерната политика, ама го читаше и Виктор Иго. Повеќе не се гледавме толку често затоа што тој јас често бев на тренинг. Ама кога ќе се сретневме дома, секогаш имаше нешто на што да се насмееме. Тој воопшто не беше несреќен. Живееше добро и немаше проблеми," раскажува Мурат.
Наџим се запишува на истиот колеџ и истиот смер на кој денес е запишан Мурат. Во тоа време работи како хигиеничар во Европскиот парламент, по што го примаат како хонорарец на истиот аеродром во кој неколку години подоцна ќе детонира бомба. Тој доаѓа во контакт со Мароканецот што во Моленбек регрутира муслимани за приклучување на џихадистичката борба. На 17-ти февруари 2013, Наџим се качува на авион од Брисел за Анталија. Еден ден подоцна им се јавува на родителите од сириски број. Две недели по ова, татко му оди во полиција да пријави дека син му отпатувал во Сирија.
Таму Хаџим се приклучува на исламистичка група и живее северно од Алепо, борејќи се на фронтот за ИСИС. Подоцна е унапреден да надгледува заложници и да чува новинари кои биле заробени од терористи. Дел од поранешните заложници изјавуваат дека Наџим бил помалку брутален кон нив "но не би одлагал ни секунда ако некој му наредеше да изврши егзекуција." Во март 2014 белгиските власти објавуваат меѓународна потерница за него.
Мурат се обидува да стапи во контакт со Наџим преку Фесјбук, меѓутоа тој го има избришано својот профил. Од време на време Наџим се слуша со татко му, ама секогаш од различен телефонски број.
Во 2015 Наџим се враќа во Белгија со задача да убие што е можно повеќе луѓе во името на ИСИС. Се сместува во мало гратче, каде што го поставува и седиштето на неговата ќелија. Тој учествува и во масакрот во Париз. Во Сирија минува обука за експлозиви, а истрагата открива траги од негова ДНК на бомбите кои се детонирани пред Стад де Франс и во Батаклан.
По некое време Наџим се префрла во Брисел, во стан на околу 400 метри од колеџот на Мурат, кој последен пат го гледа својот брат во 2013.
Додека Наџим ги планира нападите, Мурат патува низ цел свет на најразлични турнири, од Русија и Емиратите до Јужна Кореја и САД.
На 22 март нешто пред 8 часот наутро Наџим заедно со Бакруи и Абрини влегуваат на аеродромот во Брисел. Бакруи прв ја детонира бомбата. Според сведоците и безбедносната снимка Наџим се обидува да избега меѓу испаничените луѓе, меѓутоа неговиот куфер паѓа од количката и експлодира порано од предвиденото. Абрини, третиот бомбаш, бега од аеродромот, оставајќи ја бомбата неексплодирана. Неколку минути подоцна Бакруи се самоубива со бомба во метро станицата.
Проблемот за Мурат е што често пати браќа се извршители на исламистички напади. Ал Шехри на 11-ти септември уриваат авион во Светскиот трговски центар, Царнаев подметнуваат експлозија на Маратонот во Бостон, Куачи го напаѓаат Шарли Ебдо.
На предавања Мурат нема проблем со колегите, никој не го малтретира, меѓутоа чувствува дека му зборат за грб. На тренинг, бомбашкиот напад никогаш не станува проблем и тој ја има поддршката од околината. Најмногу во ова му помага неговиот тренер, од аргентинско потекло, кој со недели разговара со Мурат со цел да му објасни дека ова не е негова вина.
На крајот од интервјуто, новинарот на Шпигел прашува дали сега, неколку месеци по настанот, тој нашол објаснување за постапките на брат му, одговорот на Мурат е "Не знам што се случи, и веројатно никогаш нема да дознаам."
Сето ова време една до дилемите на Мурат е дали е му е дозволено да плаче за Наџим - "за човек кој направил толку лошо на други, меѓутоа сепак бил роден брат."
Дали си лут на Наџим?
- "Не. Ужасно е тоа што го направи, меѓутоа главно сум лут на луѓето кои му дозволија тоа да го направи."
Дали ти фали Наџим?
- "Ми фали како брат. Ама не ми фали за она што го направи."