Ники Лауда, Ф1 бунтовник на свој начин

Лауда не беше автомат без емоции, туку решителен конкурент на кој многу малку му значеа мислењата на другите.

Стандардното гледиште за Ники Лауда е дека тој беше калкулантска машина ослободена од емоции, антитеза на неговиот голем ривал Џејмс Хант. Оваа заблуда се рашири за време на нивната драматична битка за титулата во 1976, кога британската публика во Брендс хач, речиси и да предизвика немири по судирот во првиот круг на Хант со вториот возач од тимот на Лауда што можеше да го елиминира Хант од трката. Подоцна ова гледиште доби втор живот во начинот на кој Даниел Брул го одглуми Лауда во филмот од 2013 „Rush“.

Зад типично австриската фасада на Лауда составена од остра директност, сепак, имаше темперамент кој е многу поразличен од оној во сценариото од „Rush“, чија главна цел беше да престави дуел на спротивности. Иако тој избра никогаш да не ги истакнува своите апетити за потребите на таблоидниот печат, сепак тие не беа многу поразлични од оние на Хант, кој во секој случај многу повеќе беше другар отколку непријател уште од времето кога се тркаа еден против друг во Формула 3.

И двајцата животот го почнаа како ситуирани деца и двајцата, на свој начин, беа бунтовници. Отфрлајќи ги правилата на удобното виенско изобилие во кое беше роден, Лауда додека се искачуваше на тркачката скала зема се што можеше, во финансиска смисла, од неговото семејство кое главно не го одобруваше тоа што тој го прави, меѓутоа исто така тој беше волен да штеди како млад човек со далеку помалку привилегирано минато, со цел да ги постигне своите амбиции. Тоа го направи конкурент на секое ниво, цел негов живот.

Во болидот ова му донесе 25 победи од 171 Гран при, и три светски титули со два различни тима. Само Шумахер, Фанџо, Хамилтон, Прост и Ветел имаат освоено повеќе титули.

Уште колку светски титули тој ќе освоеше ако неговата кариера не беше така нагло прекината кога тој речиси изгоре во огновите на неговата стравотна несреќа на стариот Нурбургринг во 1976?

Енцо Ферари, чиј болид Лауда го возеше дента, мислеше дека го знае одговорот. Доколку Австриецот останеше во неговиот тим наместо да го напушти по освојување на неговата втора титула во 1977, верувајќи дека Ферари го оставило на цедило кога тој имал најголема потреба, ќе имаше уште многу повеќе. Барем уште две за да се израмни со петте на Фанџо, и сите во нивните автомобили.

Стариот секако го ценеше Лауда. А и како да не го цени кога Австриецот толку напорно и успешно работеше за да стави крај на деценијата во која се распадна моралот на Скудерија? Подоцна Ферари ќе напише: „Тој работеше како професионалец. Педантен во подготовките на самиот себе и на автомобилот, нешто за кое покажуваше природна, инстинктивна дарба.“

Меѓутоа останатите аспекти на неговата натпреварувачка природа му засметаа на Ферари, на кој толку не му се допаѓаше непопустливоста на Лауда во преговорите за потпишување договор, што приватно го нарекуваше „l’ebreo“ - Евреинот. Ферари е навикнат на возачи кои покажуваа соодветна благодарност за тоа што добиле шанса да ги водат црвените болиди. Во случајот со Лауда првично постоеше меѓусебна благодарност за неговиот придонес во враќање на гордоста на Маранело и освојување на титулата во 1975, со само 2 години стаж во тимот. Меѓутоа тоа што за време на закрепнувањето Ферари одлучи да ангажира замена, Карлос Ројтман, и потоа на ранетиот шампион едвај да му понуди позиција како менаџер на тимот за следната сезона, за него изгледаше како предавство.

Лауда не го обвини Ферари дека се несентиментални. Никој не можеше да биде помалку сентиментален од Лауда. Тој само сакаше помош да се врати во болидот што е можно побрзо. „Она што стварно ми треба од тимот е чувство на сталоженост, чувство на континуитет и доверба,“ ќе напише Лауда. Тој не го доби тоа. Откако веќе имаше потпишано договор за сезоната 1977, тој седна во болидот блефирајќи го Ферари дека веќе му пристапиле од Мекларен. Неколку месеци подоцна, откако ја осигури втората титула, тој си замина за да му се приклучи на тимот на Берни Еклстоун, Брабам. И во 1984, за време на 4-годишниот ангажман во Мекларен, доаѓа и третата титула, освоена со најтесната разлика пред помладиот тимски колега Ален Прост.

Интензивната инаетливост исто така беше погубна за неговиот прв брак. Како и Енцо Ферари, така и Марлен Лауда не веруваше дека тој ќе се врати на Ф1 трките по несреќата која се случи кратко по нивната свадба. Таа го поддржуваше низ целото негово закрепнување, но тие се разведоа 5 години подоцна.

Дали Лауда беше гениј зад воланот, виртуоз кој ги крена границите на начинот на кој тоа го направија Нуволари, Фанџо, Кларк и Сена? Можеби, можеби и не. Во 1973 додека возеше за се послабиот БРМ тим, 24-годишникот имаше скок во однос на останатите кој подоцна му донесе договор со Ферари и во рок од 2 години ја освои првата титула на начин кој го потврди неговиот квалитет без никаков сомнеж. Низ неговата кариера тој ги победи најдобрите во своето време, во ера кога шампиони беа Фитипалди, Шектер и Пике.

Тој беше човек без искра од нарцизам. За време на своите први години во Формула 1, тркајќи се со луѓе кои изгледаа и личеа на филмски ѕвезди, тој стана познат како Стаорецот, благодарејќи на неговото тесно лице и нагласено преклопување на забите. По несреќата, неговото одбивање да направи хируршки зафати на ужасно оштетеното и ишарано лице го направи уште покарактеристичен лик. Тој постави тренд со покривање на својата изгорена глава со бејзбол капа на која се наоѓаше неговиот личен спонзор, но малкумина се обидоа да ја копираат неговата животна наклонетост кон волнени џакети без форма и евтини фармерки: опуштениот не-стил на човекот на кој навистина не му беше грижа што другите мислат за него.

Ричард Вилијамс,
Гардијан

21 мај 2019 - 15:01