Непрофитни болници во пандемијата направија вагон пари

Американските непрофитни болници добиле ковид помош од преку 20 милијарди долари. Досега само две од 20-те болници кои добиле финансиска инекција ги вратиле парите. Во меѓувреме, очекуваниот животен век на Американците продолжува да паѓа а 100 милиони луѓе имаат медицински долгови.

Американските федерални власти им дале ковид помош од 23 милијарди долари на топ 20 непрофитни болници во САД. Тоа ги направило нивните приходи рекордни бидејќи и основните приходи во тоа време им пораснале за 62%.

20-те најголеми непрофитни болници во 2021 година создале кумулативен профит од 324 милијарди долари; за споредба, во 2018-та укнижиле 200 милијарди.

Само две од 20-те институции ја отплатиле добиената помош.

Во меѓувреме, генералното здравје на Американците се има влошено. Од 2019-та до 2022-ра година, очекуваниот просечен животен век на Американците се има намалено за цели 2,5 години.

Додека таквите просеци во други земји се враќаат на нивото од пред пандемијата, САД продолжија да опаѓаат во очекуваниот животен век.

Трошоците за здравствена заштита сè уште се астрономски високи, бидејќи просечно семејство плаќало по 22.463 долари за премии за здравствено осигурување во 2022 година. Тоа не ги вклучува трошоците „на лице место“ кои може да изнесуваат илјадници долари повеќе.

Медицински долгови имаат околу 100 милиони Американци.

 

22 мај 2023 - 17:18