Индивидуа со грло на матка. Така сега треба да ги викаме. CNN деновиве предизвика бура кога твитна совет од Американското друшто за канцер со зборовите: „На индивидуите со грло на матка им се препорачува да започнуваат сервикални скрининзи од 25 години па до 65 години...“
Мислат на жени. Затоа што само жени имаат грло на матка. Само жени можат да одат на сервикални скрининзи. Дури и оној бескрајно мал број жени кои своето секојдневие го минуваат како мажи треба да ги направат овие скрининзи бидејќи на ракот не му е гајле што тие се мислат за мажи. А оние пак мажи кои се идентификуваат како жени, бадијала е да инсистираат на ваков скрининг затоа што имаат дефицит на грло на матка на кое би се фатил рак.
Амa денес е опасно да кажеш жена, дури и кога промовираш медицински процедури кои спасуваат животи, само за да не се јават оние кои ќе запомагаат „А ние без грло на матка, не сме ли жени?“ истовремено обвинувајќи за мизогинија, дискриминација, хомофобија.... Во разумни времиња, потребата да се користи едноставен, разбирлив и универзален речник ја победуваше потребата да се избегне да не се навреди некој сегмент кој, ете, се чувствува поинаку. Но, не живееме во разумни времиња. Живееме во време кога се бетонира култ кон родовата флуидност и секој кој богохули против него си навлекува опасност да биде анатемисан и протеран од јавниот живот.
CNN наиде на отпор на ваквото воведување на новоговор но рипна и транс-кампот кој го бранеше нивниот вординг тврдејќи дека родово-неутралниот говор е прифатлив бидејќи е инклузивен.
„Тоа е апсолутна глупост. Целата поента на овој таканаречен родово-неутрален говор е да ИСКЛУЧУВА. Во случајов да го елиминира зборот жена, прво од женските здравствени услуги па потоа пошироко и попат да исклучи од јавниот живот секој кој не сака да потклекне под новата идеологија и орвелијанската лингвистика,“ вели Брендан О'Нил.