Британската агенција за цивилна авијација соопшти дека компанијата решила веднаш да престане со работа откако пропаднаа обидите да биде спасен тој бренд стар 178 години.
Само денес, во понеделник, 16.000 луѓе треба да се вратат дома со закажани летови на Томас Кук. Вкупно се работи за бројка од 150.000 Британци кои се заглавени во многу земји во светот, најмногу во Шпанија и Грција. За нив сега се бара чаре, првенствено со ангажирање летови на Вирџин и ИзиЏет a се позајмуваат и чартери од Малезија. Инаку, бројот на засегнати лица од овој неочекуван фајронт е околу 600.000 клиенти ширум светот
Првиот човекј на Томас Кук, Петер Фанхаусер им се извини на нивните милиони корисници и илјадници вработени. Се работи за 22.000 работни места од кои 9.000 се во Велика Британија.
„Не беа подготвени за 21-от век“, го објаснуваат неуспехот познавачи на состојбите.
Компанијата била профилирана во оние времиња кога за да оди на одмор, човек влегува во својата локална туристичка агенција и одбира некој пакет. Денес секој човек може да биде свој тур оператор и во приватен аранжман преку интернет да одбере превоз, да букира престој, рента возило и сè друго.
Брендот е основан во 1841 година од Томас Кук и синовите кои првично изработувале кујни, за подоцна да почнат да се занимаваат со комерцијален транспорт. Причина за пропаста е инсолвентноста на фирмата.