Не е тоа нова работа. Спрингстин против Реган, Боби Мекферин против Буш постариот, Стинг против помладиот, Џексон Браун против МекКеин... Со децении, музичари имаат преземано правни акции за да не им дозволат на некои политички кандидати - а се работело главно за конзервативци - да користат нивни песни во своите кампањи.
Но, Доналд Трамп е апсолутен шампион во поглед на тоа колкумина музичари не сакаат нивна песна да се врзува со неговиот лик и политики. Не дека него тоа му пречи, човекот и онака е популарен заради својата непопуларност, но барања да им го заобиколи опусот во своите настапи досега имаат поднесено Нил Јанг, РЕМ, Ролинг Стоунс, Адел, Риана, Фарел Вилијамс, Том Пети....
Нил Јанг покрена и парница за повреда на авторски права заради користење на неговата Rockin' in the Free World и бара отштета од 150.000 долари за секое пуштање на таа песна на настап на Трамп. Познавачите на оваа комплицирана област велат дека се мали шансите да ги добие тие пари. Објаснуваат дека издавачот на Нил Јанг речиси со сигурност е член на организациите за изведувачки права како што е American Society of Composers, Authors and Publishers (ASCAP) и Broadcast Music, Inc. (BMI), од кои изборниот штаб на Трамп има обезбедено лиценци за изведувачки права. Со други зборови Нил Јанг и неговите издавачи ги имаат трансферирано економските праца на овие друштва.
На тој начин, само преку БМИ, Трамп и неговите имаат легален пристап до преку 15 милиони песни со тоа што некој музичар и неговиот издавач можат да се заканат дека ќе излезат од здружението ако песните се даваат за политички настани.
Затоа, со оглед на тоа што добивање некакви пари е крајно неизвесно, на пејачот на РЕМ му беше доволно да му се насере на Трамп:
"Да не си помислил да продолжиш да ја користиш нашата музика и мојот глас во твојата моронска шарада од кампања“, му пишал на Трамп Мајк Стајп во меил.