Во 2020 година, корпорацијата РАНД, тинк-тенк со седиште во Санта Моника објави студија со наслов „Трендови во приходите од 1975 до 2018 година“. Самиот РАНД е во центарот на американскиот естаблишмент и со децении по неговото основање после Втората светска војна, беше финансиран и им служеше на потребите на воено-индустрискиот комплекс.
Па сепак, во таа сувопарна студија се крие скицата за најголемата материјална кражба од почетокот на човечката цивилизација.
Таму се испитува едноставно прашање: Ако американската нееднаквост на приходите остана на нивото од 1975 година сè до 2018 година, колку повеќе пари би заработиле долните 90 проценти од Американците во текот на овие 43 години?
Поинаку кажано, колку екстра богатство се слевало кон оние топ 10 проценти во тој период?
Одговорот е за неверување - 47 трилиони долари (како кога Дилинџер би крадел по седум милиони долари точно седум милиони пати).
Цифрата од 47 трилиони долари е тешко и да се замисли: во целиот Млечен пат има неколку стотици милијарди ѕвезди; овде зборуваме за трилијарди.
„Ова покренува очигледно прашање. Традиционално, ваков обем на нечија концентрација на богатство не може да се изведе без масакр. Како американските елити го изведоа ова без потреба да убиваат илјадници од нас по улиците?“, прашува Џон Шварц од Интерсепт.
Одговорот, вели, лежи во книгата „Големиот мит: Како американскиот бизнис нè научи да ја мразиме владата и да го сакаме слободниот пазар“, во која се објаснува како најбогатите 10 проценти украдоа 47 трилиони долари со помош на „специјална интелектуална војна.“